Сега, кога ковид-вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ е готова и пристигна во неколку земји, се наметнува големото прашање, кој да се вакцинира прв – старите лица или политичарите, пишува „Вашингтон пост“.
Во Велика Британија, која воедно е и прва земја што почна со вакцинација на населението, 90-годишната Маргарет Кинан беше прва што ја прими вакцината. Но, во Израел, прв кој ќе има пристап до вакцината е 71-годишниот Бенјамин Нетанјаху, премиерот на земјата.
Не станува збор само за разликата во годините во двата случаја. Нетанјаху е најпопуларниот човек во Израел. Тој е најдолговечниот премиер во земјата и ужива привилегиран и богат начин на живот. Во меѓувреме, Кинан не беше позната за јавноста сѐ до вторникот.
Со оглед на тоа што дози на вакцината веројатно ќе бидат во недостиг барем уште некое време, начинот на кој таа се дистрибуира е цел на голема дебата. Некои тврдат дека први треба да се вакцинираат оние што се под најголем ризик, хронично болните и старите лица. Други, пак, тврдат дека е подобро приоритет да имаат оние кои се најекспонирани, односно медицинските работници. Но, се поставува прашањето каде и како ќе се вклопат богатите и моќните.
– Ваквиот чекор од страна на Натенјаху не е случај на прескокнување на редот. Неговото примање на вакцината не само што е етички прифатливо, туку всушност е и пожелно. Секој светски лидер кој е на возраст како Нетанјаху, или е во слична ризична група од други здравствени причини, треба јавно да го следи примерот на Израел – изјави Артур Каплан, професор по биоетика на медицинскиот центар Лангон и основач на Одделот за медицинска етика.
Тој додаде дека би сакал да види како луѓе од целиот политички спектар се вакцинираат за да покажат пример. Израелскиот премиер не е првиот светски лидер што ја прими вакцина за коронавирусот. Минатиот месец, владетелот на Дубаи, Мохамед бин Рашид ал-Мактум, кој исто така има 71 година, беше фотографиран како прима вакцина направена од Кина.
Каплан смета дека во вакцинацијата треба да учествуваат и познатите личности, како и да се спроведе кампања на социјалните мрежи и меѓу инфлуенсерите, со цел да допрат до што поголем број на луѓе. Ваквата идеја воопшто не е нова, ниту пак радикална. Во минатото, Елвис Присли играше улога во покренувањето на вакцинацијата против детска парализа во 1956 година.
Откако 91-годишниот Британец Мартин Кенјон беше интервјуиран од Си-ен-ен по примањето на првата доза во вторникот, снимката бргу се прошири на Интернет. Во разговорот за „Гардијан“ следниот ден, Кенјон кажа дека е позитивно изненаден од неговата новостекната слава и среќен што може да понуди уверување и доказ за безбедноста на вакцината.