Нов Зеланд ги забележа првите случаи на ковид-19 по 100 дена, по што се рашири верувањето дека вирусот е увезен преку замрзнати пакувања за храна. Здравствените институции посочија дека новите случаи ги поврзуваат со увезените замрзнати производи, бидејќи еден од заразените пациенти работи во продавница што набавува производи од странство, пренесува „Бизнис инсајдер“. Бројни експерти сега се обидуваат да дадат одговори во врска со ваквата теорија.
– Можно е да се заразите, но вирусот не опстојува долго надвор од човековото тело. Кога е замрзнат, на тој начин на вирусот му е продолжен заразниот период, но преносот при допир со заразена површина, сепак, е ретка појава – вели Кејтлин Хауел, хемиски и биомедицински инженер на Универзитетот во Мејн.
Кинеските власти исто така пријавија сличен случај неделава, а траги од вирусот се пронајдени на замрзнати пакувања со ракчиња и пилешки крилца увезени од Еквадор и од Бразил. Но, експертите велат дека шансата да се пренесе ковид-19 преку замрзнатите произвори е мала.
Кина тестираше неколку стотици илјади примероци од замрзнати пакувања, а помалку од 10 се позитивни, објави Светската здравствена организација. Досега нема докази кои сугерираат дека ракувањето со храна или консумирањето храна е поврзано со пренесувањето на ковид-19. Според Центарот за контрола и превенција на болести, нема потврдени случаи во кои некој се заразил преку допир на храна.
– Мала е веројатноста дека вирусот може да се пренесе преку допир со храна. Коронавирусите не можат да се размножуваат во храната, на нив им е потребно животно или човечки домаќин за да се размножуваат – велат од СЗО.
Сè уште не е јасно кога амбалажата на замрзнатите производи била контаминирана, односно дали тоа се случило за време на процесот на транспорт или при пакувањето.
– Дури и замрзнат, на површината на производите, вирусот се суши и тоа го прави речиси неинфективен – вели Рејчел Грејам, епидемиолог од Универзитетот во Северна Каролина.
Коронавирусот може да опстојува на површини, но мала е веројатноста дека ќе ве разболи. Во текот на пандемијата, низ светот продолжи да се врши трговија на производи. Ако пренесувањето на вирусот се случуваше преку допир на површините каде што се наоѓа, без разлика дали е замрзнат производ од ладилник или не, бројот на инфицирани случаи ќе беше далеку поголем.
– Шансата за допирање на површина на која опстојува вирусот во продавница или јавна просторија е далеку поголема од шансата да се заразите преку допир на замрзната храна. Не е нешто за што треба да се грижите, но и натаму треба да бидете свесни за тоа што допирате, а потоа да не го допирате лицето пред да ги измиете рацете. Тоа ќе ве заштити најмногу – додава Грејам.