Иако во моментот на Клиниката за детски болести во Скопје нема заболени деца од ковид-19, а двете деца, кај кои пред извесно време биле регистрирани симптоми слични на тие што ги имаат заболените од синдромот кавасаки, кој научниците го поврзуваат со новиот коронавирус, сега се во добра состојба, лекарите сметаат дека родителите треба да бидат внимателни и да не ги занемаруваат различните симптоми кај децата
Евентуално присуство на коронавирусот кај децата може да се манифестира и преку симптоми што ги има и кај заболените од синдромот кавасаки, пред сѐ со видливи промени на кожата, какви што неодамна беа регистрирани кај две деца во Македонија. Затоа не треба да се минимизира опасноста од коронавирусот кај децата. Ова го потврдува д-р Аспазија Софијанова, шефица на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести во Скопје и задолжена да го координира Ургентниот центар на Детската клиника за деца сомнителни на коронавирусот. Taa секојдневно е во комуникација со колегите од странство и ги следи нивните искуства со третманот на деца со симптоми што е можно да се поврзани со коронавирусот. Како што објаснува Софијанова, синдромот кавасаки е ретка болест, за која не се познати причините за заболување, а новите истражувања покажуваат дека коронавирусот би можел да биде еден од иницијаторите што влијаат за негово појавување.
– Не треба да се занемари присуство на коронавирусот кај децата, како и тоа дека тие би можеле поради возраста и имунитетот полесно да го прележат од возрасните. Точно е дека се покажа дека децата во најголем дел се преносители на овој вирус, но исто така се покажа и дека ако заболат, често немаат исти симптоми како и возрасните, како респираторни проблеми. Кај децата е можно појавување на стомачни тегоби и промени на кожата во форма на точкести крвавења. Се лекува со кортико и со биолошка терапија, како и со хигиенско-диететски режим – нагласува Софијанова.
Иако во моментот на Клиниката нема заболени деца од ковид-19, а двете деца со посочените симптоми сега се во добра состојба, Софијанова смета дека родителите треба да бидат внимателни и да не ги занемаруваат различните симптоми кај децата.
– Во земјава, последните два месеца се регистрирани две деца со симптоми слични на синдромот кавасаки, или познат како кавасаки-лајк. Едното дете е на осумгодишна, а другото на петгодишна возраст. Децата имаа исфрлување на кожата. Симптомите слични на болеста кавасаки беа последица од контакт со новиот коронавирус, иако децата немаа класични симптоми на ковид-19 – посочува д-р Софијанова.
Инаку, педијатрите од САД, Кина и од Италија пред околу два месеци почнаа да пријавуваат случаи на деца со симптоми на синдромот кавасаки, кој, иако ретко, обично се јавува кај деца на возраст од три до девет години.
Светската здравствена организација (СЗО) апелира нa внимателност, откако службата на Европската Унија за превенција од болести објавила дека досега се регистрирани 230 случаи на болеста кавасаки во Европа, а две деца од Франција и од Велика Британија починаа од новата животозагрозувачка болест кај децата. Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом, ги повика сите клиники во светот да бидат внимателни, да бидат во контакт и да соработуваат со здравствените национални служби заради подобро запознавање со болеста.
Српските медиуми пишуваат дека синдромот кавасаки, кој се појавил во европските земји и во САД кај децата што имале коронавирус, е забележан и во Србија, кај две деца.
– Воспалителниот синдром, кој се карактеризира со висока треска, исип на кожата, конјунктивитис и отечени лимфни жлезди, попознат како синдромот кавасаки, е познат одамна во медицината. Тој е предизвикан од вирус, односно организмот почнува да ги напаѓа сопствените крвни садови во борбата против вирусот. Затоа, според докторите, веројатно е дека коронавирусот кај деца кај кои се забележани симптоми на болеста кавасаки ја предизвикал оваа реакција – пишуваат српските медиуми.
Светските медиуми деновиве пренесуваат дека деца во САД, Велика Британија и други европски земји се погодени од ретко воспалително заболување што се поврзува со коронавирусот, при што се развиваат симптоми слични на синдромот.