Претседателската кампања во САД е суспендирана поради коронавирусот. Митинзите се откажани. Луѓето ангажирани во кампањата, како и другите, се засолнуваат во самоизолација. Вчера, Мериленд стана петтата американска сојузна држава што ги одложи изборите, а се очекува и други да го следат овој пример, пишува „Политико“.
Одложувањето му даде неочекувана прилика на Берни Сандерс во трката за номинација на Демократската партија, дури и додека неговите изгледи се намалуваат. Пандемијата првично ги „умртви“ изборите, а сега ќе го продолжи нивниот живот.
– Ова е замрзната кампања. Не знам кој голем настан од кампањата ќе се одржи. Можеби можат да се донесат 50 претставници на медиумите во една просторија и кандидатите да се обратат пред камерите со нивните сопруги – вели Марк Лонгабау, виш советник на Сандерс во текот на кампањата од 2016 година.
За многумина демократи, можноста за забавена, но сепак продолжена трка е вознемирувачка. Креаторите на политичките мислења бараат начин да ја обединат Демократската партија зад Џо Бајден, а политиката за време на кризата со коронавирусот ги вознемирува. Досега преовладуваше мислењето дека на моменти хаотичното справување на претседателот Доналд Трамп со кризата е проблематично за неговите шанси за реизбор. Но, работите не се толку едноставни.
Трамп издржа тешки удари поради начинот на справување со кризата, но времето е на негова страна, со ширењето на вирусот во раната фаза од изборите. Посмирениот тон што го прифатија републиканците би можел да оди во негова корист, а со мерките за стимулација, тој би можел да ја сврти ситуацијата во своја полза.
Во вообичаена ситуација внатрепартиските избори веќе би биле завршени. Но поради вирусот, гласањето во Порторико е презакажано за 29 март, па ќе поминат повеќе од две недели пред следното гласање.
Онлајн-кампањата е доказ колку драстично може да се смени ситуацијата, со што Бајден веќе порача дека пандемијата е потсетник за потребата политиката да се стави настрана. А со голем дел од електоратот кој веќе не е насочен кон изборите, туку кон вирусот, тоа е мислење што го делат и многумина од гласачите.