Шведската активистка за борба против климатските промени, Грета Тунберг, вели дека е многу веројатно дека таа се заразила со ковид-19 на неодамнешното патување во Европа, но дека речиси оздравела.
17-годишната активистка вели дека и таа и нејзиниот татко, кој бил со неа на патувањето, имале симптоми на коронавирус.
– Се чувствував уморно, имав болка во грлото и кашлав. Татко ми ги доживеа истите симптоми, но многу поинтензивни и со треска – напиша таа на „Инстаграм“.
Тунберг вели дека се самоизолирала во изнајмен стан далеку од нејзината мајка и сестра, откако ја посетила Германија, која во тоа време била една од најтешко погодените земји во Европа.
И покрај симптомите, кои ги развила пред околу 10 дена, Тунберг не биле тестирана бидејќи во Шведска тестовите се резервирани за случаи на кои им треба итен медицински третман.
– Но, исклучително е веројатно дека имам коронавирус, со оглед на симптомите и околностите – напиша таа.
Тунберг рече дека ако не бил болен и нејзиниот татко, таа ќе претпоставувала дека само се чувствува „необично уморно со малку кашлица“.
– Последната настинка ми беше многу полоша од ова! Да не беше истовремено некој друг болен, можеби немаше да се посомневам – напиша таа.
Тунберг напиша дека сега таа е „во основа оздравена“ и ги предупреди сите да внимаваат ако развијат симптоми.
– Многумина (особено младите) може да не забележат никакви симптоми или многу благи симптоми. Тогаш тие не знаат дека имаат вирус и можат да го пренесат на лица во ризични групи – рече таа.
Шведска пријави повеќе од 2.000 случаи на коронавирус.