Крема за сончање, полнач за телефон, политичка биографија која ќе се преправате дека ја читате ако има фотографи во близина и подготвен изговор кога одморот ќе се ппретвори во пиар-кошмар. Ова е водичот што „Политико“ го состави за политичарите кои се подготвуваат за летен одмор во екот на пандемијата на коронавирус.
Изборот на дестинација за летен одмор е тешка задача за политичарите и во мирни времиња. Политичарите можат да се одлучат за карипскиот остров Мустик, по примерот на британскиот премиер Борис Џонсон кој отпатува таму во февруари, додека неговите противници и гласачите ја доведуваа во прашање неговата посветеност кон државата и кон функцијата. Од друга страна, претходничката на Џонсон, Тереза Меј остануваше дома и одеше на прошетки низ Велс.
– Кога изби пандемијата, изборот за одмор стана уште потежок за политичарите. Останувањето дома за време на криза секогаш е паметен потег и им носи поени на политичарите, освен доколку го поминуваат слободното време играјќи голф во недоглед. Желбата за одење на плажа во првата можна прилика никогаш не е добра идеја за еден политичар – наведува „Политико“.
Некои држави индиректно им посочија на политичарите дека не е погоден момент на одмор. На последната средба на француската влада пред летната пауза, на министрите им беше кажано дека треба да бидат достапни во секое време, што е очигледен совет. А кажано им е и да не одат надвор од шенген-зоната.
Се чини дека француските министри токму затоа одбраа да летуваат во Франција, според тамошните медиуми, со исклучок на министерот за надворешни работи Жан-Ив ле Дријан кој планира да ја посети Шпанија. Слична е ситуацијата и во Германија. Германската канцеларка Ангела Меркел на неодамнешно прашање од медиумите за тоа каде планира да оди на одмор, кратко порача – Германија.