Грижата на совеста во Виетнам го наведе на заклучок дека агенцијата е „злонамерна сила“, за што тој сведочеше во мемоарите „Смртоносни измами“
Ралф В. Мекгихи, ветеранот на тајните походи на ЦИА во Виетнам, кој тргна во војна против Агенцијата, почина на 2 мај во здравствена установа во Фолмут, САД, на 92-годишна возраст. Причина за неговата смрт беше коронавирусот, пишува „Њујорк тајмс“.
Мемоарите на Мекгихи од 1983 година, насловени „Смртоносни измами“ претставуваа остра критика, хроника за тајните операции на ЦИА во Студената војна во Југоисточна Азија, како и негов заклучок оти американската кауза во Виетнам е осудена на пропаст.
Тој се сеќава на неговото откровение, пишувајќи „на крајот на 1968 година, тој пиеше сам во оскудно опремена вила надвор од Сајгон, слушајќи ја трагичната поп-песна „The End of the World“, додека вооружените хеликоптери кружеа над него, а авионите Б-52 исфрлаа бомби некаде во далечина“.
– Мојот идеализам, мојот патриотизам, мојата амбиција, моите планови да бидам добар разузнавачки офицер, да и помогнам на мојата држава во борбата против комунистичката напаст – што по ѓаволите се случи? Зошто моравме да ги бомбардираме луѓето кои се обидуваме да ги спасиме? Зошто фрламе напалм врз деца? Зошто ЦИА, мојот работодавач во изминатите 16 години, известуваше лаги наместо вистина – напиша Мекгихи, мачејќи се да пронајде одговор на овие прашања до крајот на животот.
Мекгихи изразна во Чикаго, пред да се вработи во ЦИА за време на корејската војна. По тренингот и воведувањето во агенцијата, тој беше испратен во странство. Служеше со години во Јапонија, на Филипините, Тајван, Тајланд и во Јужен Виетнам, каде што се соочи со збунувачки проблеми, како наидувањето на богато платен агент од Тајван чии тајни извештаа за комунистичка Кина беа засновани врз извадоци од весниците.
Мекгихи се проби до средните рангови на ЦИА, за во 1968 година да отиде во Сајгон, каде што посредуваше во контактите со шефот на тајната полиција. Тогаш почувствува духовна криза. Војната се одвиваше лошо по САД, а кога ситуацијата се влоши дополнително, тоа го скрши. Тој ја преиспитуваше улогата на Америка во светот, улогата на ЦИА во Виетнам, неговата улога во ЦИА, како и сопственото постоење. Мекгихи напиша дека размислувал да истакне транспарент со натписот „ЛАГИТЕ НА ЦИА“, а потоа да си го одземе животот во знак на протест поради војната.
Во 1973 по враќањето во седиштето на ЦИА, означен како неподобен и уназаден во службата, агенцијата се соочи со сопствена егзистенцијална криза. Војните во скандалот „Вотергејт“ ја прекршија тајноста на агенцијата. До неговото пензионирање, Мекгихи стана убеден дека ЦИА е злонамерна сила.
„Смртоносни измами: Моите 25 години во ЦИА“ се појави шест години подоцна, откако Агенцијата побара и издејствува значителни отпуштања. Иако ветераните на ЦИА објавуваа мемоари во текот на 60-те години, малкумина ја обвинија агенцијата за искривување на разузнавачките податоци за да ги измами американските претседатели и американската јавност, со цел да ја сочува сопствената моќ.
– Американскиот народ е примарната целна публика за нејзините лаги – напиша Мекгихи.
– Сега декласифицираните досиеја од Студената војна прикажуваат покомплицирана приказна. Примарната целна публика на ЦИА беа претседателите, а не јавноста. Претседателите Линдон Џонсон и Ричард Никсон ги отфрлија песимистичките извештаи за Виетнам, велејќи му на американскиот народ тека победата, или мирот со чест, биле достапни, кога всушност не биле. Претседателите, нивните советници за национална безбедност и Пентагон ја притискале ЦИА да ги потврди нивните однапред создадени политички мислења. Понекогаш Агенцијата се потчинуваше на нивната волја, иако не често – наведува „Њујорк тајмс“.
Тие досиеја ги поддржуваат критиките изложени од Мекгихи, според кои ЦИА ги запоставувала собирањето и анализата на разузнавачките податоци, што е нејзина основна мисија, во полза храбри тајни операции кои го сменија светот, често и на полошо, особено во годините што доведоа до катастрофалната инвазија во Заливот на свињите на Куба, одобрена од претседателот Џон Ф. Кенеди, во 1961 година.
Мекгихи во подоцнежните години од животот разви и ја одржуваше онлајн-колекцијата на отворени информации наречена „ЦИАБЕЈС“, а држеше и предавања, во кои понекогаш се провлекуваа теории на заговор.