Токму зголемениот процент на повторна зараза е и една од причините за брзорастечкиот број на нови случаи. Но, зошто и како се случува толку висок број на реинфркции кај граѓаните е една од дилемите на јавноста
Реинфекциите се најкарактеристичен белег на омикрон сојот кој веќе преовладува во Македонија. Ниту една друга мутација на ковид-19 досега не беше закана за прележаните и за вакцинираните колку омикрон. Бројките покажуваат сосема друга слика, споредбено со реинфекциите од другите соеви.
Бројот на активни случаи секојдневно се зголемува. Со вчерашната статистика, од вкупниот број на позитивни или 2.051 новозаразени, регистрирани се 276 реинфекции. Претходниот ден, пак, од вкупниот број на позитивни или 2.269 новозаразени имало 310 реинфекции. Зголемениот процент на повторна зараза е и една од причините за брзорастечкиот број на нови случаи. Зошто и како се случува толку висок број на реинфекции кај граѓаните е една од дилемите на јавноста.
Д-р Мери Киријас, имунолог од Институтот за имунобиолгија и хумана генетика вели дека уште кога е детектиран омикрон-сојот во Јужна Африка веднаш се укажа на тоа дека има многу реинфекции.
Посочува три фактори кои се главна причина зошто прележаните, како и вакцинираните сепак заболуваат.
– Тоа се случува прво зашто е поминато подолго време од првичната инфекција, па имунитетот слабее, исто како и после вакцината. Тие луѓе стануваат поподложни на зараза. Второ, овој сој е од далеку позаразен тип, односно полесно се пренесува и тоа го олеснува начинот повторно да се заразат оние кои прележале или се вакцинирани.
Трето, пократката инкубација на вирусот не остава време мемориски клетки да се активираат. Тој прозорец го наоѓа овој сој, пред меморијата од прележувањето или од вакцинацијата да се активира – објаснува д-р Кирјас.
Според неа, не може да се каже колкав е колективниот имунитет од ковид-19 на граѓаните во државата, зашто немаат такви податоци, оти со оглед на повторните инфекции и кај прележаните и кај вакцинирани, се е на индивидуално ниво.
Докторката смета дека носењето маски се покажало како делотворна мерка, зашто ако сите носат маски во затворен простор можноста од зараза е многукратно намалена.
– Групирање во затворен простор е ризик од зараза. Како и секој претходен бран кој бил присутен во земјава, полека и омикрон го достигнува пикот. Бројките на новозаразени тоа и го покажуваат. Времето ќе покаже како ќе се одвива состојбата-посочува таа.
Брзо ширење на омикрон сојот на коронавирусот има речиси во сите држави, а експертите предупредуваат дека врвот на инфекцијата допрва доаѓа.
Велат дека иако симптомите од омикронот сојот на коронавирусот се послаби, сепак, може сериозно да се заболи, да дојде и до хоспитализација, а и предупредуваат дека од болеста човек може и да почине.
Во насока на тоа што некои земји како Велика Британија и Израел подготвуваат укинувања на одредени мерки за заштита од вирусот, докторката посочува дека тие земји се во надолниот дел од ширењето на бранот, но дека сепак, некои од мерките се насочени и како препораки, но не и целосни укинувања.