Дали опасностите од коронавирусот и ширењето на заразната болест се можни пречки за нормално функционирање на светските армии и за дејствување на воениот сојуз НАТО. Овие дилеми станаа актуелни откако редица светски медиуми информираа дека армиите ги откажуваат своите учества во големите воени вежби и спроведуваат активности за заштита на нивните припадници од заболувањето.
Така, белградскиот сервис на „Спутник“ информира дека Норвешка ја откажала воената вежба на НАТО насловена „Студен одговор 20“, која според најавите требало да се одржи меѓу 12 и 18 март во оваа земја.
Како што информира норвешката армија, вежбата е откажана поради опасноста за ширењето на вирусот, бидејќи во земјата постои сомнение дека приближно 400 лица се заразени од оваа болест.
Генералот Руне Јакобсен, началник на Генералштабот на норвешката армија, вели дека коронавирусот засега е надвор од контролата во норвешкото општество и тоа е нова ситуација за нас.
– Токму затоа одлучивме да ја откажеме воената вежба – изјавил Јакобсен.
Минатата недела војската на оваа земја, во карантин стави 1.300 војници, од кои еден од нив се покажа како позитивен за коронавирусот.
Скоро истовремено, и воениот врв на Финска информира дека го откажува своето воено учество во вежбата „Студен одговор 20“, на која било предвидено да соработуваат 15.000 војници на НАТО-земјите и државите од Партнерството за мир.
Американската телевизија Си-ен-ен информира дека и американската војска заради превентива од коронавирусот го откажала своето учество во воената вежба во Европа, која била замислена да се одржи во Норвешка.
Си-ен-ен додава дека освен оваа вежба поради истите причини американската армија се откажала и од своето учество во вежбата, која требала наскоро да се одржи во Тунис, Мароко и Сенегал и е насловена „Африкански лав“.
Сервисот на Ал џезеира, пак, информира дека британската арм
ија, наспроти учеството во светските воени вежби се сконцентрирала на креирање на таканаречен „борбен план“ на домашно поле против коронавирусот, кој предвидувал поголема армиска соработка со цивилните власти и полицијата во четири етапи.
Во меѓувреме, во одговор за „Нова Македонија“, за македонската перспектива на најновите случувања, од Министерството за одбрана (MO) информираат дека се преземени низа мерки за спречување на ширењето на вирусот ковид-19.
– Во таа насока, Министерството донесе одлука да се откажат сите службени патувања на вработените (конференции, средби, обуки, курсеви), во земјите со висок и среден ризик.
Сите што службено отпатувале пред оваа одлука, по враќањето во земјата задолжително ќе останат во домашна изолација 14 дена – велат од Министерството.
Оттаму, во контекст на воените вежби, додаваат дека во моментов припадници на армијата не се ангажирани на воени вежби во земјите од ризични подрачја.
– За да се елиминира секоја можност за ширење на вирусот, Министерството за одбрана го ограничи бројот на средби со странки, а комуникацијата ќе се одвива телефонски, преку мејл или со видеоконференциска врска. Доставена е наредба до сите командни единици редовно да се вршат превентивни хигиенски мерки, постојано чистење и дезинфицирање на просториите, питомците од Воената академија се пуштени од настава дома, се врши редовна дезинфекција на автобусите за превоз на припадници на армијата. Со наредба од началникот на Генералштабот, командантот на Воено-медицинскиот центар е обврзан да биде информиран за развојот на настаните во армијата и да биде подготвен за контакт и евентуална соработка со соодветните здравствени институции во државата – велат од Министерството.