„Не ни треба стимулација, туку вреднување на трудот. Се откажуваме од 30 денари по вакциниран пациент и бараме да бидат донирани за лекувања на наши сограѓани. #приклучисе.“ Ова е иницијативата која ја почнаа матичните лекари на социјалните мрежи со која сакаат да се промени одлуката на Владата да добиваат награда од 30 денари по вакциниран пациент, доколку 70 отсто од нивните пациенти се имунизирани.
Матичните велат дека спрегата лекар-пациент-пари- лек е опасна. Тие објаснуваат дека со своите пациенти секако разговараат за вакцинацијата и не сакаат тоа да се поврзува со пари.
Матични лекари објавуваат слика со која покажуваат дека мерката што ја воведе Владата за поттикнување на вакцинацијата е понижувачка.
Сакаат награда за досега вложениот труд во пандемијата, за лекувањето на болните од ковид-19 и за тоа што се прв контакт на заболените пациенти.
Вреднување на трудот
Матичната докторка Марија Михајлова на својот Фејсбук-профил сподели дека се откажува од најавените 30 денари по вакциниран пациент. Побара парите од нејзината ординација да се префрлат на сметка наменета за оние граѓани кои имаат потреба од лекување во странство.
– Гледам дека повеќе мои колеги ја споделија мојата одлука и истовремено ја поддржаа. Од почетокот на пандемијата се вели јавете се кај вашите матични доктори, што значи ковид-лекувањето на еден пациент почнува и завршува со нас. Ние сме базата. Единствено што бараме е да бидеме вреднувани спрема трудот – објаснува таа.
Смета дека е потребна реформа во примарното здравство.
– Нема ординација која не е задолжена со кредити. Бројот на картони кои ги има еден доктор не го оценува неговиот квалитет на работа – додава таа.
Д-р Михајлова посочува и дека не е соодветна мерката за населението да биде свесно дека е потребна вакцинација против ковид-19.
– Деновиве постојано слушаме како пациентите на шала ни велат дека се вакцинирани и поради тоа ќе земеме 30 денари награда-вели таа.
Разочарани од односот на државата
Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека ваквата иницијатива ја поддржуваат и со тоа уште еднаш ја потврдуваат одлуката дека не го прифаќаат овој предлог на здравствените власти.
– Како матични лекари од почетокот на пандемијата сме на првата линија со пациентите во борба против ковид-19 и поради тоа сметаме дека оваа понуда е неприфатлива. Разочарани сме од односот кон нас. Сите матични доктори во регионот беа наградени за работа во пандемија со соодветен паричен надоместок. Само ние не бевме вреднувани за трудот – посочува таа.
Според неа, овој предлог е еднократен и треба да се реализира дури следната година, што, како што вели таа, уште повеќе ја потврдува неговата несериозност.
– Матичните лекари бараат да биде покачен капитацискиот бод од 63 на 90 денари како беше ветено – додава таа.
Досега, според податоците на Министерство за здравство, Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е околу 58 отсто, а со две дози опфатени се околу 47 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, околу 39 проценти од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.