Од Министерството за здравство вчера одговорија дека во тек се анализи за проценка на потребните количини и обезбедување на извори на финансирање за набавка на лекот
Здравствените власти сè уште прават анализи за потребните количини од лекот „молнупиравир“, кој е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19 во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот.
Од Министерството за здравство вчера, од каде што претходниот период го најавија овој лек, одговорија дека во тек се анализи за проценка на потребните количини и обезбедување на извори на финансирање за набавка на лекот.
Од министерството не наведуваат податоци за тоа колкаво количество од овој лек би се набавило, колку би чинело тоа или кога ќе стаса, како и кога ќе биде одобрен за употреба во земјава и како ќе им се препишува на заболените.
Велат дека навремено ќе информираат за новостите околу набавката на лекот.
Единствено што посочија е дека за болните од ковид-19 во земјава е присутна најмодерна и насофистицираната терапија – моноклонални антитела за лекување пациенти.
Инаку, лекот „молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19. Се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто.
Од Министерството за здравство укажуваат и дека лекот и вакцината против ковид-19 не може да се споредуваат.
– Вакцините против корона вирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Вирусот брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет, како би се заштитиле од новите соеви – велат од ресорното министерство.
Александар Вучиќ, претседателот на Србија пред два дена се пофали дека неговата земја го има купено лекот против ковид-19 на американската компанија МСД.
– Ова што го држам во рака е новиот лек за коронавирусот. Тоа се таблети, а една кутија е доволна за еден пациент. Имаме за 11.500 луѓе, а ќе има за 50.000 луѓе. Лекот спасува животи и спречува огромен процент на смртни случаи – рече Вучиќ.
И во Словенија овој лек може да се користи. Тамошните здравствени власти истакнаа дека таков лек одамна задоцнил, бидејќи дејствува така што го спречува продолжението на синтезата на основниот вирусен синџир, што значи дека вирусот не може да напредува.
Велика Британија вчера ја одобри употребата на овој лек. Британските медиуми пишуваат дека таблетата е наменета за луѓе кои се позитивни на коронавирусот и имаат барем еден фактор на ризик за развој на сериозна болест, како што се дебелина, возраст над 60 години, дијабетес или срцеви заболувања.