ЗДРАВСТВЕНИТЕ ЕКСПЕРТИ ПРЕДУПРЕДУВААТ

Канцелариите, кои долго време се затворени, се погодни за појава на нова опасна болест на белите дробови. Здравствените експерти низ светот ги повикуваат сопствениците на комерцијални објекти внимателно да ги отвораат зградите за да се спречи избивање на тежок, понекогаш и смртоносен облик на воспаление на белите дробови

Со попуштањето на пандемијата на ковид-19 сè поизвесно е враќањето на луѓето на своите работни места, но комерцијалните објекти што се затворени со недели поради спречување на ширењето на вирусот би можеле да предизвикаат појава на друга опасна зараза на белите дробови, попозната како легионерска болест.

Од тие причини здравствените експерти низ светот ги повикуваат сопствениците на комерцијални објекти внимателно да ги отвораат зградите за да се спречи избивање на тежок, понекогаш и смртоносен облик на воспаление на белите дробови.
Дилемата што сега се јавува е дали вакво сценарио е можно и во Македонија, бидејќи беа затворени училиштата, дуќаните, кафулињата, трговските центри и канцелариите.
Недостигот од хлорирана вода што минува низ водоводните цевки, во комбинација со неправилните температурни промени, создадоа услови за бактериите што ја предизвикуваат легионерската болест, пишуваат странските медиуми.

Стравот е уште поголем бидејќи повеќето симптоми на легионерската болест се слични со оние на ковид-19, а и во двата случаја доаѓа до напад на белите дробови што може да заврши и фатално.
Лекарите посочуваат дека оваа болест првпат била забележана во САД во 50-тите години на минатиот век, а кај нас не е вообичаена.
– Бактеријата што ја предизвикува оваа болест живее во влажни и темни простории, главно во големи затворени климатски системи. Кога не се користи водоводот, има потенцијална можност за јавување на оваа болест, особено ако вентилацијата не се одржува редовно и како што е пропишано – велат лекарите.
Според нив, болеста може да предизвика респираторни симптоми, а понекогаш може да дојде и до воспаление на белите дробови, кои не реагираат на вообичаената терапија што се дава во тој случај. Претставува здравствен проблем, но не се шири надвор од тие згради во кои се јавила.

Докторите уште додаваат дека од легионерската болест можат сите да заболат, но како и кај сите респираторни болести, први на удар се оние со заболени бели дробови и со послаб имунитет.
– Начинот на пренос е само со инхалација на контаминиран воден аеросол, а никако со пренос од човек на човек, па така во овој случај не е потребна изолација на заболените. Најчесто од легионелоза заболуваат повозрасни лица, особено со хронични белодробни, срцеви и бубрежни коморбидитети, а многу ретко децата. Посебна целна група се лица со намален имунитет, лица по трансплантација на органи, заболени од малигни заболувања, но често и млади и здрави лица, без никакви ризик-фактори – појаснуваат докторите.

Легионелите се одговорни за 5-20 отсто од вкупните пневмонии кај популацијата, што ја вбројува во трите главни предизвикувачи за воспаление на белите дробови.
Легионерска болест претставува воспаление на белите дробови – пневмонија предизвиканa од атипична бактерија Legionella pneumophila.
Најдобар начин за превенција, според докторите со кои се консултиравме, е превентивно чистење на системите за вентилација.
– Во овој момент единствена превенција пред враќањето на работа на луѓето е чистење на централните системи за климатизација. Значи, едно детално чистење на овие системи превентивно намалува каков било ризик од добивање легионерска болест. Покрај тоа, потребни се едукацијата на населението за превенција од инфекција со легионела, брзо и целосно епидемиолошкото санирање на поединечните и спорадични случаи, како и уништување на изворите на зараза, како и на начините и патот на пренос – порачуваат докторите со кои се консултиравме.

Фото: Игор Бансколиев