Во последните три месеци, од 6 август до 11 ноември, на територија на државата се регистрирани 52.436 граѓанин со коронавирус. Од нив 29 проценти биле целосно вакцинирани.
-Според статистика за изминативе три месеци, 36.980, граѓани, односно 71 проценти од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во периодот од 6 август до 11 ноември годинава на територија на државата починале 1.788 пациенти со ковид-19. Од починатите 1.434 пациенти, односно 80 отсто не биле вакцинирани, а само 20 проценти, односно 354 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас – информираат од Министерство за здравство.
Оттаму укажуваат на важноста на вакцинација и на тоа дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна.
-Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SarsCoV2 – велат од министерството.
Инаку, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.