Фото: Игор Бансколиев

Д-Р АНА ГЛИГИЌ, ВИРОЛОГОТ ШТО ИЗОЛИРА ЕДЕН ОД НАЈОПАСНИТЕ ВИРУСИ ВО СВЕТОТ

Вирологот д-р Ана Глигиќ во своите истапи во јавноста дава посебен печат на корона-кризата и со своето знаење и искуство фрла нова светлина на болеста предизвикана од коронавирусот. Уште кога епидемијата во Србија беше во својот ек, таа рече дека пред крајот на првата половина на мај ќе може во кафуле да се испие пијачка, што тогаш изгледаше неверојатно. Во текстот што следува, таа објаснува зошто смета дека вирусот слабее и од што зависи дали ќе има втор бран. Вирологот д-р Ана Глигиќ е позната по тоа што прва го изолира марбург-вирусот, еден од најопасните во светот. Таа беше шефица на Националната лабораторија за време на епидемијата на вариола вера во поранешна Југославија

Вирологот д-р Ана Глигиќ во своите изјави во јавноста презентира исклучително интересни заклучоци што ги нарекува „законитости од вирусологијата“, врз база на повеќедецениското искуство. Имено, дека вирусите само „пасажираат низ човекот“, но и дека „човекот за сите овие природни жаришни вируси не е супстрат кого вирусите го сакаат“. Што поточно значи ова?
– Искуството што ми го донесе работата како вирусолог за природно жаришните вирусни инфекции ми покажа многу работи и законитости во вирусологијата. Тие понекогаш можат малку да згрешат, но тоа сепак останува како правило. Работејќи на кримската хеморагична конго-треска, една многу опасна болест што се наоѓа на листата на биолошкото оружје, ние увидовме дека вирусот пасажира низ човекот, но човекот за сите овие природни жаришни вируси не е супстрат кого го сакаат. Тоа е супстрат на кого тој ќе умре, односно ќе заврши. Затоа што со пасажирањето низ човекот вирусот ослабува и ние велиме дека тој се нашол во ќор-сокак и тука завршува.
Вие никојпат не сте слушнале дека некој од овие вируси инфицирал животно.
Ние сме одредени на мерките за смалување на можноста за пренесување на вирусот од човек на човек, меѓутоа можевме да преземеме какви било мерки, ако вирусот наидеше на подлога каде што добива вируленција ќе беше попусто.

Д-р Ана Глигиќ

Ние во лабораториите ги бараме клеточните системи каде што ќе го испитуваме вирусот, бидејќи вирусот добива вируленција. Значи мораме слабиот вирус од човекот, кој произведува да речеме менингитис, да им го дадеме на одредени видови клетки, но ги бараме клетките каде што вирусот секојпат низ пасажот да биде појак.
Меѓутоа, кога правиме вакцина или она што се случува кај природната инфекција секојпат на одреден супстрат… човекот не е погоден за размножување на природно жаришни вирусни групи, тој ослабува, тоа не се клетки што тој ги сака.
Во врска со силината и заразноста на вирусот, како и неговиот залет и пик, таа тврди дека епидемијата е веќе завршена.
– Сега е веќе готово. Ќе бидат џебови, тој го нашол својот пат и ослабен е доволно. Ќе има џебови понекаде кога ќе наиде на имунокомпромитирана личност, па тој ќе го пренесе вирусот. Тоа може да трае, но епидемијата е завршена. Сега треба само одредено следење од неколку дена, да се прогласат пандемијата и епидемијата за завршени.
Кај природно жаришната вирусна инфекција цела година ќе има поединечни случаи. Постои ситуација и толкување на кинеските научници, ако вирусот навистина потекнува од Кина со трансмедијалното пренесување преку мравојадите, тој мравојад што дошол од друга средина не кинескиот мравојад, кој е скоро истребен иако е под заштита на државата. Тие увезле друг мравојад што живее во исти живеалишта со овие и тој се разболел од коронавирусот, имал тешка респираторна инфекција, но преживеал, а него го размножуваат поради економска добивка.

Е сега, ако тоа се случило, ние тогаш не мораме да стравуваме дека ние ќе бидеме бустирани со некојси коронавирус од природата во Европа, освен преку Кина.
Но ако вирусот настанал како мутант од лилјаци преку некои интермедијални преносители, тогаш може да ни се случи да го имаме секоја година и да прејде во сезонски грип.
Ова е добро што сега Кинезите го јавија дека тоа е нешто автохтоно, тоа би завршило таму и не би имало пренесување како досега. Меѓутоа, познато е дека лилјаците, кои ги има 1.400 вида во светот се резервоари на многу вирусни болести меѓу нив и коронавирусот. Тоа е многу проблематично како ќе изгледа, кај нас има 35 вида, ние немаме никакви сопствени испитувања да речеме дека нашите лилјаци го носат коронавирусот, но имаме една многу важна работа што не смееме да ја заборавиме дека лилјаците се заштитени со закон, затоа што тие се најдобри пестициди во светот.
Тие се ноќни ловци и во текот на ноќта јадат милиони комарци, кои се носители на заразни болести како на пр. нилската треска, хеморагичната треска.
Вирологот д-р Ана Глигиќ тврди дека поради одредени карактеристики на вирусот не е едноставно да се направи толку брзо ефикасна вакцина.
– Многу комплицирана е состојбата за коронавирусот. Коронавирусот е со големина од 100 до 160 нанометри, значи еден интрацелуларен паразит и тој се приспособува на одредени видови клетки и има една верижна рибнонуклеинска киселина што е носител на наследните особини. Тој е многу јак и погоден за мутации поради таа рибнонуклеинска киселина и ние велиме дека имаме многу видови, дури 18 нови серотипови. Тоа ја комплицира состојбата за правење вакцина, но сите видови што ќе бидат изолирани од сите земји мора да се соберат на едно место и научниците да одредат кој од тие видови го покрива најголемиот број од овие и други серотипови за да ја изберат вакцината. А може и да се вметнат два вида, кои се најчести во циркулацијата. Тоа е многу комплицирано и затоа нагласувам дека за вистинската, класична, сигурна вакцина е потребна една година или до 16 месеци.

Потоа што може да се случи? Ние да се водиме според одредени видови што сега се во циркулација и по две години имате нови мутанти и велите оваа вакцина од пред две години не ве заштитува и мора да правите нова вакцина во која ќе уфрлите нов серотип.
Ние сите мислиме дека сѐ потекнува од Кина и дека сѐ е заразено преку контакт. Во тој контакт би можело да дојде до генетски промени и тие да одат во две насоки. Јас секогаш велам дека коронавирусот е стебло, на тоа стебло има гранки, секоја гранка се разликува и зависи како се разлистува стеблото, тие гранки ние ги нарекуваме генотипови. Јас разговарам со мои колеги од Источниот и од Западниот Брег на Америка, тие велат дека Источниот Брег од Њујорк има многу вирулентна варијанта како европската, додека Западниот Брег ја има варијантата од Кина.
Кога вирусот влегува во човекот, секој човек не реагира исто, некој покажува тешка клиничка слика затоа и ги има луѓе на респираторни апарати. Имате луѓе со исти години, со иста кондиција, но едниот е на апарат, а другиот ќе преживее. Кога ќе го погледнете сето тоа ќе дојдете до заклучок дека е дојдено до диференцијација на вирусот во однос на човекот, дека и човекот учествувал во тоа да дојде до промени. При пасажирањето низ човекот, постојат т.н. целуларни имунитети и сето тоа влијае вирусот да ја смени насоката во еден или друг правец.

Дали вирусот може самиот да се конзервира по пат на сушење, а потоа ние да го вдишуваме како прашина и да се активира во организмот?
– Уште од самиот почеток не ми беше јасно и ги употребив сите методи како дојде до толку голем број заразени, ако еден болен зарази до двајца, зошто тогаш 1.000 мртви и 1.000 нови болни во еден ден. Тогаш размислував не знаејќи за особините на одржување на вирусот во надворешна средина. Јас не знаев дали вирусот може долго да се одржи во надворешна средина поради температурата и сѐ друго. Меѓутоа, првпат прочитав дека Кинезите рекоа дека вирусот може со часови да живее на предметите околу болниот. Еве, пример јас ќе се накашлувам и секој предмет што ќе го фатам со накашлувањето тој е веќе заразен. Зашто? Човек кога кашла тој исфрлува капки и тоа може само преку капките да се пренесе. Тоа би значело ако не е тоа во капки и падне вирусот тогаш е мртов. Прочитав дека вирусот може многу долго да опстане во надворешна средина, знаев дека главниот пат е пренесувањето преку воздух, а не преку капки. Кога видов дека дојдоа Русите, односно руски научници и кинеските научници да ги дезинфицираат улиците, фасадите, болниците, старските домови ми беше сѐ јасно. Имате состојба што може многу лесно да се објасни. Се накашлувам, тука има мали ситни капки и големи капки. Внатре е вирусот. Јас сум болна. Ако сте подалеку од мене не можам да ви го пренесам вирусот, тој вирус ќе падне некаде и тој ќе се исуши и кога некој ќе помине, или допре, ја дигне прашината е тој вирус што се исушил тој ќе биде вдишан и ќе оживее во носната шуплина, устата или во очите, кои се влажни.
Имам објаснување, ние во лабораторија ако сакаме на долги патеки да го конзервираме вирусот, а мораме, бидејќи јас ако имам вирус морам да го чувам, да го имам и да направам дијагностика доколку се појавил повторно, јас го сушам во ампули и тој може така 10 години да живее, што само му се додава течност.

Погледнете го гравот во продавниците, го пипкате, убав е, но кога ќе го ставите во вода па потоа ставете го во земја тој ќе изрти и ќе даде прекрасни цветови. Е тоа е тоа. И вирусот така се конзервира по пат на сушење, а ние го вдишуваме како прашина. Е тоа е пренесување преку воздух. За мене тоа беше објаснување зашто имаме 1.000 контакти, 1.000 заразени, 1.000 починати.
Исто така се пренесува преку очите. Во вoздухот кога капките се исушиле и лебдат низ воздухот ќе навлезат во слузокожата. На вирусот му е потребна клетка. Примарно место за размножување на вирусот е влезно место, но тоа не е негово место каде што ќе остане. Тој само тука ја прави првата репродукција и потоа атакува низ органите кон кои има афинитет, коронавирусот има афинитет кон градното ткиво. Најверојатно поради големиот промет на кислород, циркулација, и нему тоа му годи, што не значи дека ќе ги нападите сите преостанати органи. Хеморагичната треска ги напаѓа бубрезите, но тоа не значи дека нема да отиде до централниот нервен систем и да дојде до воспаление на мозокот.
Во врска со т.н. втор бран, вирологот д-р Ана Глигиќ вели дека нема да има…
– Јас не очекувам втор бран. Тоа е многу смело да го кажам. Затоа што е сепак направен еден колективен имунитет, второ народот се научи да внимава, ние ќе имаме само џебови и поединечни случаи сево ова ќе се смири. Јас мислам дека ова е крај.
Мислиме тие што ги направиле контактите досега, кога ќе поминат 14 дена дека ќе ги тресне и сите ќе бидат болни. Вирусот е ослабен до таа мера што над 50 отсто од тие што го примиле вирусот нема да бараат лекарска помош. Но ќе се создадат антитела. Јас на почетокот реков дека на вирулозите сега е редот да го изолираат вирусот. Слушнав дека веќе во Загреб го изолирале, од сопствениот вирус да се направи сопствен антиген за дијагноза. Тоа е можно, да се следи што се случува, а што се однесува до имунитетот постојат комерцијални тестови за почеток.

Меѓутоа, не е доволно да се измери имунитетот денес, ние ќе најдеме антитела, но не е можно еден вирус да влезе во организам, а да не изврши атака врз имуниот систем што се брани. За секое туѓо тело што ќе влезе во организмот постојат подготвени војници, кои го напаѓаат и го елиминираат, ако не успеат да го елиминираат тоа веќе е болест, ако го елиминираат тогаш се создаваат антитела. Тие антитела можат да се задржат пократко или подолго.
Е сега сето тоа треба да се испита. Ако собрале или штокирале, јас тоа го велам шток-материјал, ако ги штокирале серумите од сите фази на болеста, па и последните фази од болеста, тие врз основа на вредноста на антителата ќе видат дали е појак вирусот и дали дал појак одговор, а овој слабиот дали дава слаб или даваат ист одговор. Тоа е многу важно. Второ што е најважно, секои два месеца да се следат и да се тестираат истите групи болни, да се види колку трае тој имунитет. Бидејќи ако бил присутен два месеца по болеста тоа не значи дека по шест месеци повеќе ќе го имаме, но исто така не значи дека ако се изгубил тој хуморален имунитет дека нема да бидеме заштитени, бидејќи постои т.н. целуларен имунитет, имунитет на клетки, кои имаат некое памтење дека биле во контакт со вирусот па побргу реагираат.
Треба да се земе еден одреден број и тој перманентно – сега, па по два месеца, па по шест месеци и една година. Не мора тоа да бидат исти болни. Туку може да биде група, која го преболела вирусот па да се види, со грешка од плус минус 1 отсто тоа не значи ништо кога се испитува колективниот имунитет, кога е индивидуален, тогаш е сосема поинаку.

Јас имам искуство дека сите вируси се термолабилни. Тоа значи дека тие брзо пропаѓаат и УВ-зраците исто така ги деактивираат вирусите и тоа доста ќе помогне баш за ова со капките што паѓаат, ќе биде неутрализирано и нема да се шири низ воздухот. Останувам зад сево ова дека мора да ги причекаме чеповите, мора да бидеме претпазливи, и ако некаде се појават бргу да реагираме за да не се прошири жариштето. Затоа се нарекуваат природно жаришни. Ако ги елиминираме тие жаришта ќе бидеме среќни, но и ако оваа есен немаме епидемија, а моето искуство вели дека треба да поминат години додека повторно епидемијата не се обнови од истиот вирус. Тој ист вирус некаде е сместен во природата, но во оваа епидемија е докажано дека овој вирус преминал од животно на човекот, кој е предизвикан во Вухан. Тоа е сега прашањето, што никој не го испитал. Секојпат постои ризик и дека епидемијата во ниту една земја не е сосема повлечена, туку само се олабавени мерките.