ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ, ПРОФЕСОРКА ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО „РАДЕ ЈОВЧЕВСКИ-КОРЧАГИН“

Никогаш поиндивидуален и поперфиден вирус немал светот, како да има за секого по еден, а за некого ич. И фала му на бога што сѐ уште има имуни и отпорни на еден спејс смарт вирус, кој во организмот влегува бесшумно, скенира, селектира и си го одработува своето колку што му се може. И колку различни симптоми, состојби, мутации – толку различни толкувања за вирусот, вели професорката

Сите зборуваме дека едвај чекаме да помине оваа корона-година. Небаре штом стрелките ќе се поклопат вечерта на 31.12, ќе замине со старата година и ковид-19. Како да подзабораваме дека и 2021 година може исто така да биде ковид-година ако се однесуваме неодговорно. Зошто мислиме и размислуваме вака? Дали ни е смачено од oва ново „нормално“ живеење, па мислиме дека со новата година ќе ни пристигне конечно и слободата?

За ова поразговаравме со Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.
– Целиот свет е во очекување, сите го чекаме новиот милениумски Годо да ни донесе здравје и додека се вакцинираме и испробуваме лекови за паразити, „натинг ту би дан“, што би рекол С. Бекет во драмата на апсурд „Чекајќи го Годо“. Мислам дека оваа Нова година и децата и ние возрасните ќе посакаме од Дедо Мраз здрава 2021 година! Предновогодишната атмосфера никогаш потивка, може да ја наруши бесен автомобил што триумфално поминува по закитениот плоштад и да се закити со симболична казна од 45 евра, колку едно пораскошно новогодишно пакетче. Ако е за приказна, нека ја има, но фала богу што нема жртви и штети – вели Алексиќ.

Предновогодишни политички расправии а ла Монти Пајтон, додава таа, празни демагогии како испразнетите буџети, револтирани ваксери што нема вакцини за сите и антиваксери на кои забранетото овошје може да им стане предизвик да се вакцинираат, амбиции за реформи во образованието кога образованието е невидливо, развлечени судски процеси што ни Ф. Кафка со сиот визионерски ум не можел да ги предвиди во романот „Процес“, а процесот трае ли трае.

– Ние сме во војна, трета светска вирусна, можеби сме мртви ама нема кој да нѐ одлогира, сите се зафатени со деноноќна политика. Секако, не е педагошки со цинизам да пишувам, но и учителката имаше „блиска средба со третиот вид“, кој ја ништи радоста и поттикнува циничност. Со самата помисла дека сме епидемија во пандемија и дека ги загрозивме животите и спокојот на докторите со глобална неодговорност, оптимизмот станува сѐ побанален, веќе не „држи вода“, но затоа нѐ држи во неизвесност. Никогаш поиндивидуален и поперфиден вирус немал светот, како да има за секого по еден, а за некого ич. И фала му на бога што сѐ уште има имуни и отпорни на еден спејс смарт вирус, кој во организмот влегува бесшумно, скенира, селектира и си го одработува своето колку што му се може. Колку различни симптоми, состојби, мутации – толку различни толкувања за вирусот. За некого сѐ уште теорија на заговор, за некого фантазмагорија за обичен грип, некој им се лути на 5Г-антените, некој за менито на Кинезите, кои покрај толку автентична храна, ждерат лилјаци и мравојади. Секој има право за лутина, но сите го изгубивме правото за богато новогодишно мени, еуфорични предновогодишни прослави и гушкања, дури ми е непријатно да му нарачам на Дедо Мраз да ни донесе безвирусна година, кога самата оплескав со вирусот – истакна професорката.

Таа посакува оздравување и закрепнување на сите болни од која било болест, а на сите незаразени да не дозволат упад на, како што вели, sверот, по кој ничиј организам не е ист како претходно.
– И секако многу, неизмерно многу љубов, за да ги надминеме сите непријатности. А еден убав ден, кога воинот на вирус ќе го изгуби галопот со вакцините, ќе посакам многу нешта и ќе си ги остварам, без да чекам и очекувам, таков е патот кон среќата – завршува Алексиќ.