Епидемиолозите потсетуваат дека светската медицина познава многу пандемии на заразни болести, кои оставиле многу големи последици. Сепак, посочуваат дека во недостиг од специфична терапија и вакцина за актуелнава пандемија, на располагање се само мерките за забавување на брзината на ширење на болеста, за да не се дозволи претрупување на здравствените капацитети
Иако до минатата недела Светската здравствена организација тврдеше дека во случајот со ширењето на коронавирусот сѐ уште не станува збор за пандемија, по проширувањето на сите континенти, пред два дена, коронавирусот и официјално го прогласи за пандемија.
Пандемија е епидемија што е распространета на повеќе континенти или дури цела планета, поради постоење на чувствителна популација, која е зафатена од заразна болест. По дефиниција, вистинска пандемија предизвикува висок степен на смртност и се смета за глобална опасност.
Епидемија, пак, се прогласува кога една зараза болест се шири многу брзо и заразува многу луѓе. Доколку епидемијата не може да се контролира и продолжува да се зголемува, властите можат да ја наречат пандемија.
Епидемиолозите лоцираат дека светската медицина познава многу пандемии на заразни болести, кои оставиле многу големи последици. Нивното времетраење било различно и зависело од тоа колкав во тој период бил развојот на медицината и свеста кај луѓето.
Сепак, епидемиолозите посочуваат дека во овој случај со коронавирусот не располагајќи во моментов со специфична терапија и вакцина, на располагање се само мерките за забавување на брзината на ширење на болеста, за да не се дозволи претрупување на здравствените капацитети.
– Тие мерки се состојат во ограничување на движењето, групните собири, затворање на училиштата, изолација од 14 дена на оние, кои имале можен контакт со болни или кои престојувале во земји во кои има поголем број болни – посочуваат епидемиолозите.
Епидемиологот Драган Даниловски потсетува дека во историјата на човештвото се забележани неколку пандемии, кои, како што вели, буквално го десеткувале населението.
Ова се само некои од поголемите пандемии, наредени хронолошки.
(Епидемиите на ебола и зика намерно не се наведени, зашто тие сепак немале карактер на пандемии).
– Пандемија на чума (црна смрт)
Време на траење: 1346-1353 година
Зафатени територии: Европа, Африка и Азија
Број на умрени: 75-200 милиони
– Трета пандемија на колера
Време на траење: 1852-1860 година
Зафатени територии: Индија, делта на реката Ганг, Азија, Европа, Северна Америка и Африка
Број на умрени: 1 милион
– Пандемија на грип (азијатски грип, руски грип)
Време на траење: 1889-1890 година
Зафатени територии: централна Азија, северозападна Канада и Гренланд.
Број на умрени: 1 милион
– Шеста пандемија на колера
Време на траење: 1910-1911 година
Зафатени територии: Среден Исток, Северна Африка, Источна Европа и Русија. Број на умрени: 800.000 лица
– Пандемија на грип
Време на траење: 1918 година
Зафатени територии: цела планета. Број на умрени: 20-50 милиони,
– Пандемија на азиски грип
Време на траење: 1956-1958
Зафатени територии: Кина, Сингапур, Хонгконг и Соединетите Американски Држави.
Број на умрени: 2 милиони
– Пандемија на грип (хонгконшки грип)
Време на траење: 1968 година
Зафатени територии: Хонгконг, Сингапур, Виетнам, Филипини, Индија, Австралија, Европа и Соединетите Американски Држави
Број на умрени: 1 милион
– Вариола вера, која убила 300 милиони луѓе во текот на 20 век
Светската здравствена организација прогласи нејзина ерадикација во 1980 година
– Пандемија на ХИВ/СИДА, почеток во 1976 г. во Конго; достигнување прогрес: 2006-2012 година
Зафатени територии: цела планета
Број на умрени: 36 милиони