Фото: Игор Бансколиев

Ситуацијата создадена со појавата на коронавирусот и прогласената глобална пандемија, дополнително ги усложнува и така сложените принципи на функционирање на македoнската политичка сцена, која е веќе влезена во предизборна процедура. Иако изборите се закажани за 12 април, партиите ги истакнаа кандидатските листи, а вчера на полноќ истече рокот за нивно доставување до ДИК, заканата од коронавирусот и понатаму ја остава веројатноста тие да бидат одложени. Таквата можност, пак, го наметнува прашањето како ќе функционираат институциите во услови на евентуално одложени избори, техничка влада и распушено собрание. Но јавноста и граѓаните, секако, сакаат да знаат и какви безбедносни превентивни мерки би се презеле доколку изборите се одржат во договорениот термин и дали тоа може да се одрази на одзивот на денот на гласањето. Иако до денот на изборите има уште доволно време и состојбите се менуваат од ден на ден, „Нова Македонија“ направи анализи и на двете претпоставени сценарија, односно за одржување на изборите во предвидениот термин или евентуално нивно одложување.


Андов: Важечки е мандатот на старите пратеници

Доколку изборите не се одржат на 12 април и не се добие нов парламентарен состав, се појавува дилемата дали сѐ уште е важечки мандатот на пратениците од стариот парламентарен состав, кој веќе се самораспушти.
– Честопати сум тврдел дека мандатот на пратениците од еден парламентарен состав, завршува дури со верификацијата на мандатите на новоизбраните пратеници. Во случај на одложување на изборите, со неизвесност за новиот датум за одржување, мандатот на пратениците од стариот парламентарен состав и понатаму е валиден. За свикување на Собранието, не се потребни никакви законски дејства и одлуки, туку претседателот на парламентот едноставно ќе свика седница – објаснува првиот спикер на македонскиот парламент Стојан Андов.
Со оглед на обврските прифатени со пржинскиот модел за спроведување избори, Андов смета дека до одржувањето на изборите, Владата треба да функционира како техничка, односно продолжува да работи техничкиот премиер, зашто претходниот премиер има поднесено оставка.
Останува и варијантата, со прогласување вонредна состојба, според уставните одредби, да биде свикано Собранието.


Може ли пандемијата да влијае на одзивот на изборите

Извесноста на одржување на предвремените парламентарни избори, на 12 април, во услови на опасност од пандемијата на коронавирусот, го наметнува предизвикот како ќе одвива целиот изборен процес од аспект на здравствена заштита на сите учесници. Од ДИК велат дека немаат надлежност самите да носат одлуки за преземање мерки за заштита, но доследно ги следат препораките на Владата. Во овој момент на подготовка за изборите, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, вели дека медицинските лица, вработени во јавните здравствени установи се ослободени од учество во изборните одбори на денот на изборите.
Во поглед на начинот на водење на изборната кампања, останува на партиите да го усогласат начинот на комуникација со избирачите, во согласност со мерките за заштита од коронавирусот. Во таа насока лидерите на политичките партии веќе ја најавија можноста за спроведување кампања на други начини по електронски пат и преку социјалните мрежи.
За тоа како и колку прогласената пандемија на вирусот психолошки ќе влијае врз граѓаните во смисла на нивно затворање во домовите и на денот на изборите и намален одзив на избирачките места во моментов е тешко да се предвиди, тврдат аналитичарите. Во секој случај, неопходни се дополнителни заштитни мерки и на избирачките места за да се превенираат и минимизираат евентуалните ризици, додаваат тие.
Што се однесува до финансиската поддршка за мерките за заштита, техничкиот премиер Оливер Спасовски, изјави дека во овој момент нема потреба од ребаланс на буџетот за обезбедување дополнителни средства за справување со предизвикот на коронавирусот.