Заразените лица пристигнале од Шведска и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а забележани се и секундарни преноси на други лица во Словенија
Во Словенија до понеделникот се потврдени 10 случаи на инфекција со позаразната омикрон-варијанта на коронавирусот во два неповрзани кластера, соопшти денеска Националниот институт за јавно здравје.
Заразените лица пристигнале од Шведска и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а забележани се и секундарни преноси на други лица во Словенија.
Според информациите на Институтот, сите пациенти имаат полесен тек на болеста со поблаги симптоми, а епидемиолозите продолжуваат со утврдување на нивните контакти.
Едно лице може да ја пренесе омикрон-варијантата на 20 до 30 други луѓе што не се заштитени. Иако предизвикува поблаги симптоми, вирусот може да стане крајно опасен во случај на нови мутации, изјави на денешната прес-конференција Борут Штрукељ, професор на Фармацевтскиот факултет.
Поради појавата на новиот сој на коронавирусот, здравствените власти во Словенија препорачаа сите лица над 50-годишна возраст да се заштитат со трета бустер-доза од постојните вакцини што се на располагање.