Филмските фестивали се друга планета

ИНТЕРВЈУ: ТЕУТА АЈДИНИ ЈЕГЕНИ

На премиерата во Венеција нè пречека и нè испрати директорот на фестивалот, Алберто Барбера. Тоа е важно, бидејќи тој не доаѓа на сите премиери кои не се во конкуренција за ‘Златен лав’, а нашиот филм беше во програмата ‘Хоризонти’. Рече дека е фасциниран од филмот, чувството беше прекрасно, досега не сум доживеала по проекција да има 15-минутен аплауз

Разговара: Сунчица Уневска

Теута Ајдини е една ретка личност, која плени на прв поглед. Толку ведра, толку искрена, толку отворена, толку радосна поради сè што и се случи со филмот „Вера сонува за морето“ и целото она нестварно искуство кога сте од прва рака поканета на еден од најзначајните филмски фестивали. Таму нема разлика, ако играте во филм што е во официјална програма, пречекот и односот на организаторите, на новинарите и на публиката е ист, посебно ако им се допадне филмот. За тие кои не биле, таму сте вистинска ѕвезда на црвениот килим и надвор од него, бидејќи филмските фестивали, дефинитивно, се друга планета.

А Теута Ајдини Јегени, долгогодишна актерка во театар и на филм, првенка на Албанскиот театар од 2016 година, е толку вистината, толку едноставна, толку скромна. Како што раскажува, глумата ја сакала отсекогаш, особено што нејзиниот татко бил актер и таа е втора генерација актери во нивната фамилија. Студирала во класата на Вукан Диневски и сакала да работи со него, со Владимир Милчин, со Рахим Бурхан, со кого работеа на алтернативниот театар, а неколку години има работено и во националниот театар во Приштина. Има големо искуство, работела во театарот и кога се одеше на големите југословенски театарски фестивали, а последна улога пред короната и е во претставата „Магбет“, каде што ја игра леди Магбет, во режија на Дијана Добрева. Вели дека кога ќе дојде на проба или на кастинг веднаш знае дали некоја улога е за неа. А така било и со филмот „Вера сонува за морето“.

Во нашата земја успехот не ти го простуваат

„Во нашава земја можат сè да ти простат, па дури и одмазда на крв, ама успехот тешко ти го простуваат“, вели Теута Ајдини, чиј сон се оствари, да згазне на црвениот килим и да биде дел од еден од најголемите и најстари филмски фестивали во светот, венециската Мостра. „Искрено, пред да одам, мислев дека сите ме поддржуваат, добив многу лајкови и честитки, но кога се вратив сфатив дека не е баш така. Знаете, кога Господ не створил направил баланс во животот, сè е баланс, и природата, и човечкото битие, па така, се пошегува Теута, и поддршката можеби беше пола-пола, но оној еден процент е мој и тој превагнува, нели? Мене тоа ми е доволно“, зборува растреперено и полна со позитивност, со љубов и верба, а особено задоволство, бидејќи да се биде гостин на таков фестивал, да имате официјална покана и да сте дочекани како и сите најголеми ѕвезди, навистина не е мала работа.

Таа можност Теута ја доби со главната улога во косовскиот филм „Вера сонува за морето“, кој го режираше Калтрина Красниќи. Авторката беше подолго време во потрага по својата хероина и веќе ги помина Косово и Албанија, на ред беше Македонија, бидејќи и требаше актерка која зборува албански. Теута вели дека не одела често на аудиции, но била повикана и го прифатила предизвикот. Во Вера се нашла уште при првото читање: „Кога го прочитав сценариото на Дорунтина Баша, сфатив дека јас сум Вера. Но, не само јас, знам дека и вие сте Вера и секоја друга жена е Вера и во тоа е големината на овој текст“.

Знаковниот јазик е најубав јазик на светот

За улогата морала да го научи знаковниот јазик и побарала да работи со некој од овде за да не мора да патува. Работела со Марија Башеска Стојановска, која преведува на знаковен јазик на МТВ, и брзо го совладала, особено затоа што се вљубила во тој јазик. „Мислам дека тоа е мојата најголема добивка од филмот, уживав на тие часови, некако природно го сфатив и така и го интерпретирав, мораше да биде убедливо. И знаете што е многу важно, сфатив дека знаковниот јазик е најубавиот јазик на светот. Ќе речете зошто? Затоа што се говори од душа, се говори од срце, со целото свое битие, со многу емоции и изразни средства. Ниеден јазик така не се говори, овде за цело време зборувате на тој начин, а тоа е многу блиско до нас актерите“, објаснува Теута.

Алберто Барбера (лево) со екипата на филмот

„Вера е универзална личност, во неа може да се препознае секој, без разлика што го опкружува. По самоубиството на нејзиниот сопруг, таа ќе се најде сама, притисната од сите страни. Тоа и ме привлече во ликот, таа нејзина сила, моќта да се спротивстави или да проголта и од безизлезна ситуација да најде излез“, раскажува таа. Кога Вера останува сама сите проблеми излегуваат на виделина, и работите во кои нејзиниот сопруг-судија бил замешан, и сите сплеткарења кои вообичаено доаѓаат од најблиските пријатели, и односот во семејството, односот кон ќерката, која ја немала неговата поддршка, како и судирот со традицијата, според која само машките деца се наследници, така што наеднаш ќе биде во ситуација да се бори за нешто за кое не ни сонувала.

Има многу слоеви во филмот, има многу значења, различни погледи и ситуации, како општествени, така и интимни. Интересно е, како што раскажува Теута, дека ни името Вера не е случајно. „Тоа е интернационално име, но на албански вера значи лето, правера значи пролет итн. ‘Вера сонува за морето’ е игра на зборови, бидејќи и нејзините планови со сопругот биле конечно да одат на море, особено што тој веќе длабоко бил навлезен во проблеми. И кога наеднаш ќе ѝ се урне целиот свет, таа е исправена пред толку предизвици, како што се чувствував и јас обидувајќи се да најдам начин да го доловам сето тоа, навидум мирно, а всушност, на силен внатрешно бунтовен начин“. Се работи за одлично сценарио што го напиша Дорунтина Баша, која по потекло е од Македонија.

Теута Аjдини како леди Магбет

Петнаесетминутен аплауз на премиерата во Венеција

Инаку, еден од најдобрите показатели за тоа каков е филмот, е личното присуство на директорот на фестивалот. „На премиерата во Венеција дојде, нè пречека и нè испрати директорот на фестивалот, Алберто Барбера. Тоа е важно, бидејќи тој не доаѓа на сите премиери што не се во конкуренција за ‘Златен лав’, а нашиот филм како што знаете беше во програмата ‘Хоризонти’. Рече дека го гледал филмот, дека е фасциниран од него и дека има добра режија. Чувството беше прекрасно, филмот е навистина одличен и досега не сум доживеала по проекцијата да има 15-минутен аплауз. Беше нестварно, онака како што седевме на средината во салата, само се вртевме на сите страни да се заблагодариме за аплаузите и ми се чини дека сите плачевме од среќа“.

А Лидо е посебна приказна. „Целата атмосфера беше многу интересна, таму сите се обземени со филмовите, со ѕвездите, се одушевуваат ако ве препознаат и сакаат да се сликаат со вас. Имав интересна случка во едно кафуле, каде што бевме со актерката која ја играше во филмот мојата ќерка. Ми пријде келнерката и иако не го гледала филмот, ме препозна, почна да зборува дека некој нејзин другар го гледал филмот и ѝ кажувал колку е добар, ѝ кажувал за ликот на Вера. Ме замоли да се сликаме и да му покаже дека има слика со мене, а притоа почна возбудено да зборува дека ќерка и денеска се сликала со Џенифер Лопез, а еве таа сега ќе се слика со мене. Можете да замислите какво беше чувството, јас и Џенифер Лопез, навистина луѓето таму низ друга призма го гледаат филмот“, со големо задоволство зборува Теута за тоа незаборавно доживување. Филмот помина добро, освои две награди, сега ќе оди во Торонто, а Теута веќе го потврди нејзиното одење на фестивалот во Германија, во Манхајм и Хајделберг.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.