ФИЛМ+ДРИМ ШОРТ
Петтото јубилејно издание на фестивалот „Дрим шорт“ (29 јули до 1 август) во Струга заврши онака како што беше и планирано, во знакот на сето она што годинашниот фестивал и го одбележа, со проекции во летниот камп „Треска“ додека во заднината месецот се огледуваше во езерото, со многу музика, со шаренило од бои и емоции, со сонување, радост и возбуда на бројните млади луѓе што го чекаа изгрејсонцето како предвесник на раѓање на новото и продолжување по патот кој „Дрим шорт“ така инспиративно секоја година го исцртува.
Беше навистина задоволство и оваа година да се биде на Фестивалот на краток филм во Струга, кој освен што беше јубилеен, за првпат се одржа во лето, што се покажа како полн погодок. Во една лежерна атмосфера, на летната сцена во Домот на поезијата, „Дрим шорт“ со своето мото „Сонувајте кратко“ привлече многу публика и предизвика љубопитност, потврдувајќи дека фестивалот и е потребен на Струга и дека стружани и градот со радост го прифаќаат и поддржуваат. Засилен со уште неколку млади, но прекрасни и посветени членови, со една свежина и неконвенционалност во модерирањето на актерката Верица Недеска и со многу инсистирање на уметноста, додека на филмот му се приклучија изложбите, промоцијата на книгите и оригиналните рачни изработки.
Веќе се знае дека фестивалот годинава донесе над педесет филма поделени во четири категории, но исто така имаше и две гостински програми од два реномирани фестивала на краток филм, Dokufest од Косово и Go Short од Холандија. Но, како што е редот на крајот на секој фестивал, сепак, да почнеме од наградите. Главната награда во Интернационалната програма ја доби филмот „Се плашам дека ќе го заборавам твоето лице“ на Самех Ала од Египет, еден особен филм за љубовта, за војната и за губењето, додека Специјалното признание му беше доделено на полскиот филм „Назад ти е зимата“ на Дамјан Коцур. Како што напиша жирито, во состав: Сунчица Уневска, филмска критичарка и режисерите Саша Станишиќ и Радован Петровиќ, наградата на Самех Ала му се додели поради минималистичкиот приод со кој успева да опфати повеќе теми и заради умешноста така да ја долови внатрешната состојба на духот која умее да ве стаписа. „Назад ти е зимата“, пак, е една нетипична мигрантска приказна споена на единствен начин со универзалната тема на осаменоста и човечноста.
Истото жири ги додели и наградите во Регионалната програма, каде што се издвои хрватскиот филм „Не ти кажувам ништо, само велам“ на Сања Милардовиќ, со својата реалистичност и уверливост додека зборува за современата тема на осаменост, бесперспективност и депресија. А Специјалното признание отиде кај турскиот филм „Мамавил“ на Ирмак Карасу, поради извонредниот визуелен приод на темата за неумоливото одминување на времето и вечните искушенија.
За наградите во Студентската програма и програмата „Соочување со минатото“ одлучуваше жирито во состав: Марија Џиџева, режисерка, Тамара Ристовска, актерка и монтажерот Михаил Димитров. Главната награда во Студентската програма ја доби босанскиот документарец „Мојот татко, кловнот“ на Сара Ристиќ, додека Специјалното признание и припадна на Евгенија Танева за фиктивниот бугарски филм „Победувам“. Во програмата „Соочување со минатото“ победи филмот на Бастиен Дубоа, кој во анимацијата насловена „Меморија, меморија“ се навраќа на алжирската војна и на неговиот однос кон сеќавањата на својот дедо.
Во Регионалната програма беа прикажани два македонски филма, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски и „Змија“ на Андреј Волкашин. Новина годинава беше гласањето на публиката, која го одбра токму филмот на Волкашин. А да не заборавиме, дека на оние кои гласаа „Дрим шорт“ во соработка со своите спонзори им додели и награди.
Поради состојбата, се одржаа две онлајн мастеркласи со реномирани имиња од европската филмска индустрија, се одржа музичка оф програма, за цело време на траење на фестивалот можеше да се види изложбата со импресивните дела на Милко Нестороски и Лида Шерафатман – „The dreams of nature, souvenirs of reality“, како и книгата промовирана на отворањето, „Филмски великани“ на Сунчица Уневска. А она што е најважно е трудот на фестивалот да придонесува и во репродукција на филмските остварувања. Само да потсетиме дека „Дрим шорт“ веќе одржа исклучително важна работилница со европската платформа NISI MASA, а имаше и работилница за краток филм, која веќе следната година ќе резултира со филм продуциран од тимот на DSFF. Ќе завршам со наградите, кои ги изработува Милко Нестороски и кои не случајно се викаат „Музи“, бидејќи она што пред сè, го нудат тие и самиот фестивал е инспирацијата и сонот, а сè друго е само резултат на љубовта и посветеноста. (С.У.)
,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.