„Три децении македонски филм“, а организатор „Црна мачка продукциjа“ со пари од Влада – посликовито не може да биде

ФИЛМ+СТАВ

Веќе нѝ станува дегутантно (нам, а нив воопшто) целото ова нивно злоупотребување, а наше „кучињата лаат, караванот си врви“, нѝ станува здодевно да го пишуваме истото на кое никој не реагира, напротив

Сунчица Уневска

Четириесет и второто издание на „Браќа Манаки“ беше и помина, манифестацијата „Филмска култура“ за одбележување три децении независен македонски филм беше и помина, и никому ништо. Фестивалот се одржа во септември, а манифестацијата на крај на август и освен најавите и информациите, всушност, друго и не можевме да прочитаме. Освен реакцијата на опозицијата за скандалозното одржување на манифестацијата „Филмска култура“, ништо друго и немаше.

Факт е дека никогаш не нѝ била важна политиката во културата, во смисла на нашето пишување, но кога ја има, секако, за тоа треба да се пишува. Но, она што е жално, е дека тој текст на опозицијата сосем држи и целосно е релевантен во поглед на тоа – на што се сведоа нашите филмски манифестации и до каде се злоупотребува партиската поддршка. Се разбира, затоа и не сакаме да зборуваме за партии, бидејќи главно се случувале слични работи, зависи кој е на власт, но она што нè интересира е дека таа единствена реакција за моменталните филмски небулози е точна и оправдана.
„Три децении македонски независен филм“ е навистина срамна манифестација, злоупотребена докрај и класично вртење во круг со сите оние други златни рамки, одбележување некакви јубилеи, издавање некои смешни книги, само вртење во круг и барање начин како да се земат уште пари, бидејќи познато е веќе дека сè им е малку. И никому ништо! Си одржаа они, си имаа смешни говоранции, си ги прикажаа нивните филмови од последниве 6-7 години и толку. Три децении македонски филм, во рамките на кои имавме и тоа какви успеси на светско ниво, но публиката можеше да ги види само филмовите на Игор Иванов, оние во продукција на Томи Салковски и уште на неколку нивни соработници. Каков пресек, какви бакрачи. Но, затоа Владата им даде поддршка, а во малубројната публика главно политичари. Супер, а и што ќе ни друго!

Навистина е жално што само опозицијата реагираше, но кога ќе видиш, и тоа добро зборува за состојбата со медиумите кај нас и, воопшто, состојбата со било каква реакција во јавноста за небулозите што се случуваат, а за филмаџиите и да не зборуваме. Се знае веќе дека ние сме единствените кои реагирале на ваквите појави, но исто така се знае и дека немало никаков одглас, ниту промена, а за последици по тие кои злоупотребуваат ич да не збориме. А и како би имало, кога тоа го прават заедно со власта.

Инаку, се работи за истите луѓе, истите челници на ДФРМ, кое (како што пишувавме) буквално во земјава стана институција, па може ќе го претворат и во придружен орган на Министерството за култура или на Агенцијата за филм, што во стварност и е (мислејќи на Агенцијата). Но, шега на страна, ама како што велат старите, ѓаволот ја однесе шегата. Работата не е за шегување, ама веќе нѝ станува дегутантно (нам, а нив воопшто) целото ова нивно изигрување, а наше „кучињата лаат, караванот си врви“, ни станува здодевно да го пишуваме истото на кое никој не реагира. Напротив, тие кои злоупотребуваат и се наградени. Со што? Со нова манифестација, се разбира!
Значи, наместо да се сврти внимание на тоа колку и што поддржува Агенцијата за филм, наместо да се сврти внимание на тоа колку ДФРМ односно таа шака луѓе која презема сè во филмот, си ги користи своите привилегии, наместо да се сврти внимание на тоа за какви глупости се даваат пари, на кој начин се игра со „Браќа Манаки“, фестивал кој влезе во петтата деценија, се случува обратното. Срамните манифестации се множат и тоа поддржани директно од Владата, бидејќи малку им се парите од Агенција за филм, иако Агенцијата работи целосно во нивни интерес. Така како што беше и претходно, и покрај формалната смена на директор.

„Браќа Манаки“ е навистина фестивал за гордеење, кој го имаме и секоја чест на оние што го основале и го негувале низ годините. Но, како и сè кај нас, тој е присвоен и претворен во тезга за земање пари. Смешно е што уште се трудат преку нивните пријатели да порачаат дека фестивалот се одржувал токму така како што треба. Не знаете дали да се смеете или да плачете. „Браќа Манаки“ е сè само не филмска манифестација која по 40 години би требало да има релевантност и мисија. Овде нема да влегуваме во детали, бидејќи и онака нема никакво фајде. Напротив, ако збориме може уште еден фестивал да им дадат, затоа подобро да ќутиме!!!


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.