ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА

Кон „Сестри“, режија: Дина Дума, сценарио: Дина Дума и Мартин Иванов, улоги: Антонија Белазелкоска, Миа Жиро, Марија Јанчевска, Верица Недеска, Ханис Багашов, фотографија: Наум Доксевски, музика: Игор Василев Новоградска

Сунчица Уневска

Новиот македонски игран филм „Сестри“ нè враќа повторно на прашањето, каде се наоѓа денеска македонската кинематографија? Колку успеала да напредне и да го фати текот на времето, колку успеваме да изнедриме филмски автори, колку успеваме да препознаеме добар филм, и колку успеваме да се споредиме, но квалитативно, барем со земјите околу нас. Да, последниве години имаше неколку инцидентни успеси, кои ниту зборуваат за македонската кинематографија, а уште помалку за некаков бран. Тие успеси, пред сè, се должат на личниот ангажман на авторите, на талентот и на умешноста да учат и да ги видат границите. Ниту еден од тие филмови што успеаја во овие години не е резултат на развојот на македонската кинематографија, бидејќи ние и после 20 години немаме квалитетно филмско образование и не произведуваме филмски автори, односно не знаеме да ги научиме на филмскиот занает, ние и денеска правиме фама од филмот ако добил надвор награда и тогаш сите имаат што да кажат, а нивните импресии и „филозофски трактати“ наеднаш се претвораат во рецензии??, кои со толку суперлативи ги величаат филмовите за да нѝ покажат дека, еве, и они го разбрале филмот…

Многу е интересно дека кога ги читате тие текстови само по себе се наметнува прашањето – каде го виделе сето тоа за кое што пишуваат. Бидејќи, знаете, ние можеме да си пишуваме за темата што сакаме, да бараме во неа илјада значења, да се правиме „паметни“ колку се тоа важни прашања за младите и каков е светот во кој денеска живеат, што сосем ја изместува перцепцијата. Можете, ако имате желба и умеете да пишувате, да си пласирате какви сакате теми на социјалните мрежи, за нивното влијание на младите, за булингот, за малтретирањата во училиштата, за тоа колку тоа тинејџерско време е ранливо и колку остава печат на животот на младите, итн, итн. Но, после сè, останува единственото и најважно прашање, што од сето тоа има во филмот, конкретно во филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума.

А нема речиси ништо. Тоа е толку наивен и аматерски филм, кој не остава ама баш никаков впечаток. Преполн со стереотипи и клишеа, филмот добива единствено на картата што ова е толку обработувана тема, толку присутна тема за која постојано се зборува во (светските) медиуми и за која се направија бројни дела, особено филмски. Затоа, се чини, дека луѓето во него го гледаат она што оваа тема по правило го носи, а не она што во него навистина го има. Едноставно, границата за многумина не е ни важна, ниту пак пошироката публика така гледа на тоа, доволно е да ги имате оние назнаки кои во моментот упатуваат на темата, младите и нивната фриволност, социјалните мрежи, сексот, злоупотребата, манипулацијата… А што се однесува до наградите, колку само филмови добиле „Оскар“ или „Златна палма“ а не сте можеле ни да ги изгледате, колку сè зависи од моментот, од актуелноста на темата, од местото, од фестивалот и од многу други фактори, што не значи многу. Има филмови кои не добиле никакви награди, а станале култни и обратно, колку филмови се наградени, а никој не ги памети.

Зошто сето ова? Затоа што навистина сме уморни од сите глупости кои се изнапишаа по медиумите, обидувајќи се толку срчено да најдат нешто што во филмот го нема. „Сестри“ е многу слаб филм, да, навистина е дебитантски и нормално е да ги има детските болести, но токму затоа е важно образованието, менторството, искуството на професорите, способноста да ги упатат и советуваат младите, што впрочем треба да се оствари уште во текот на образованието. Но, за тоа пишуваме со години, и нормално ништо не се промени. И понатаму нашите студенти нема каде да го научат филмскиот занает. Тие и денеска најмалку на факултет ја учат праксата, а теоријата може да им ја предава секој, како што и се покажува, особено кога последниве години професори сè повеќе стануваат луѓе кои немаат ниту искуство, ниту релевантни дела, но се нечии деца. Тоа низ годините воопшто не се подобри, напротив, стана уште полошо.


Затоа и не е чудно што филмот на Дума има толку многу слабости, а очигледно ниту таа, ниту екипата се свесни за тоа, бидејќи тоа првенствено треба да ви го каже оној кој е компетентен, оној кој ја гледа разликата и кој навистина сака во земјава да се создадат филмски кадри. Затоа и ќе се чудиме зошто немаме дури ни како во регионот, филмови кои би се однесувале на нашата актуелност, на нашите теми, проблеми, настани, па и посвети (како што беше случајот со „Тома“), за што сепак е потребен филмски занает.

Но, да се вратиме на филмот. Што и е целта на Дина Дума, а што постигнува? За да може филм со толку обработувана тема да го најде своето место, првенствено треба да знае што сака да направи, треба да има приказна, мора да има изградени ликови, мора да има ситуации и релации меѓу ликовите, мора да има настани кои ќе го понесат дејствието. А тука се подразбира и сè друго, сценографија, ритам, оправданост на постапките или сцените, наративност која ќе го носи филмот и ќе му даде одредена поврзаност или заокруженост. За да зборувате за толку важна тема треба да имате што да кажете. Навистина, Дина Дума дава изјави од типот дека сака да го сврти вниманието на тие проблеми на младите, на родовата нееднаквост, на трагедиите до кои такви ситуации можат да доведат итн., да, веројатно таа тоа и го сака, дури споменува и вистински случај. Но, што од тоа ние гледаме во филмот? На кој начин ја развива приказната, на кој начин ги дефинира ликовите и настаните за да ни ја долови пораката.

Навистина се изненадив кога видов дека филмот дури и „се претвора во трилер“, што е тотално бесмислено, барем во оваа (празна) констелација. Наеднаш, од замислен булинг и нееднаков третман, кои никаде ги нема, филмот се фокусира на исчезнување, па и смрт… Каде води сето тоа? Дали тоа е темата за која Дума сака да зборува или немајќи што да каже оди во таква крајност за филмот да добие тензичност, или за да го пополни она што не умее на друг начин да го направи. Филмот нема ни содржина, а за подлабока смисла и да не зборуваме, нема ликови, ги нема оние многу важни односи во такви ситуации кои треба да проговорат за манипулацијата, за последиците, за онаа граница на доброто и злото, која тогаш кога работите се доведени до екстрем секогаш испливува на површина.

Освен некакви смешни ситуации во гардеробата каде што девојките ги гледаат социјалните мрежи и шепотејќи ја нарекуваат „курва“ или играат како Шакира, ништо друго, никакви „последици“ не можете да видите. А, што се случува со ликот на момчето, кој треба да е една од главните карики, тој буквално е сведен на слика. Што значи тоа? Нема тука никаква порака, па дури ни замислена. Имав среќа овој филм да го гледам во киносала заедно со средношколци, и беше интересно што беа многу разочарани на крајот, бидејќи филмот нема разрешница.

Тоа по правило не значи лош крај, но за жал овде значи. Зошто? Затоа што нема ништо во филмот, кога би имало, кога филмот би знаел што да прави со себе, тогаш не е најважна разрешницата, напротив. Од друга страна, кои се решенијата на авторите филмот да биде толку темен и во него во голем дел да не се распознава ништо. Она што исто така е необично, се руинираните куќи и некој тотално старински мебел каде што младите прават забави и одат во собите за да имаат секс??? Во недостаток на идеја и приказна авторката прибегнува кон некаква целосно испомешана (да не речеме тенденциозна) сценографија, како и она толкупати видено еуфорично однесување низ улиците на градот, прибегнува кон некои толку рудиментарни односи, кон некои слики и шаблони, а всушност нема ни дијалози, ни ситуации, ни развој, ни вистинска тензија во односите, ниту пак цел кон која сето тоа води.

Од една страна, како да сака да манипулира со некоја генерација која е на маргините, сместена во предградието, иако се обидува во позадината да ја долови и „блескавоста“ и валканоста на градот, па дури и да направи совршени слики на кањонот Матка, а сето тоа без вистински контекст, поради што и целосно изостанува емотивноста. Со други зборови, во многу работи воопшто не е начисто што точно сака да направи, бидејќи сите тие нешта во целокупната слика треба да имаат значење и логика. Единствено може да се каже дека сцените во водата, како и капењето во базенот, се навистина многу ефектно снимени. Филмот е патетичен, оди во екстреми на доброто и на лошото, но како нешто веќе дадено, наивен е, со многу несмасни и аматерски решенија, воопшто недефиниран и неповрзан, полн со клишеа, но токму темата и клишеата во моментов можеби и му ја носат таа некоја (нереална) препознатливост и навидум важност. Во суштина, ова е многу слаб филм, кој нема никаква поента и ниту има, ниту ќе има било каква функција. А наградата само и направи лоша услуга на младата режисерка, која има уште многу, многу да учи. Штета.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.