Доаѓањето на Мет Дилон предизвика голем интерес каj виенската публика и критика, иако новиот филм „Земjа на соништата“ не остави впечаток

ФИЛМ+ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО ВИЕНА

По Кан, Атина и Сараево, „Големата слобода“ на австрискиот режисер Себастијан Маис триумфираше и на фестивалот во Виена. А интересно е дека оваа година и Специјалната награда на жирито му припадна на австриски филм, „Беатрикс“, кој на многу специфичен начин зборува за денешнината

Наш специјален известувач
Душко Димитровски

Како и претходното издание, така и 59. Меѓународен филмски фестивал во Виена, имаше среќа да се одржи со присуство на публика, а не онлајн како многу други фестивали низ светот, и тоа само неколку недели пред целосното затворање на Австрија заради енормниот број на заразени од коронавирусот.
Имено, годинешното Виенале се одржа од 21 до 31 октомври, а во програмата понуди дури 250 филмови, што претставува завидна бројка. Она што е уште поинтересно, во целата оваа ситуација која трае веќе две години, успеа да донесе исклучително добри остварувања на веќе проверени автори, но и пријатни визуелни изненадувања од страна на млади и досега неафирмирани режисери.

Фестивалот беше отворен со филмот „Случај“ на младата француска режисерка Одри Диван, која на годинешниот Венециски фестивал го освои „Златниот лав“. Филмот се осврнува на проблемите со илегален абортус, бидејќи во шеесеттите години на минатиот век абортусот во Франција бил забранет. Младата хероина, која одлично ја игра Анамарија Вартоломеи, на сите начини настојува да се ослободи од несаканото дете, дури и кога сè е против неа.

Уште една награда за извонредната хомосексуална драма „Големата слобода“, сместена во поствоена Германиjа

Режисерката импресивно ја гради сликата за таа крајно конзервативна средина, во која импонира ликот на младата жена, која се бори да добие шанса самостојно да одлучува за својата судбина, и покрај несовладливите пречки и драконските закони кои предвидуваат и затворски казни. Посебен квалитет на филмот е фактот што, и покрај темата, сепак, не се претвора во евтина мелодрама, туку без ронка „морализирање“ во прв план доаѓа до израз една силна човечка драма. Филмот „Случај“ е снимен по вистински настан, според автобиографскиот роман на Ани Ерно.
Покрај филмот на Диван и повеќекратно наградуваната хомосексуална драма, „Големата слобода“, на австрискиот режисер Себастијан Маис, можеа да се видат и филмовите на некои од најдобрите современи автори, како: „Силата на кучето“ на Џејн Кемпион, „Спенсер“ на Пабло Лареин, „Сè помина добро“ на Франсоа Озон, кои наедно беа и меѓу најинтересните годинешни остварувања на фестивалот.

А веднаш по нив би го издвоил и фестивалското освежување – „Купе број 6“, чија режија ја потпишува Јухо Куосманен од Финска. Тоа е едно нековенционално филмско остварување, ефектно визуелно раскажана сага за финската студентка Лаура, која оди на студиско патување во некогашниот Советски Сојуз, во далечниот Петроглифен во Мурманската област. На тоа патување, таа сосем неочекувано ќе се зближи со рускиот рудар Љоха. Нивната средба, Коусманен ја претставува на изразито суптилен начин со изобилство на пригушен хумор, онаков каков што само Финците можат да понудат на филмското платно.

Од нашиот регион беше прикажан српскиот филм „Келти“ на младата режисерка Милица Томовиќ, кој во суштина е доста успешна фамилијарна трагикомична сага. Ова остварување ја доби и Наградата на публиката, која се доделува под покровителство на угледниот виенски дневен весник „Стандард“.

Инаку, почесен гостин на фестивалот беше американската филмска ѕвезда, Мет Дилон („Драгстор каубој“, „Судир“), за да му додадат, како што организаторите веќе навестија, малку холивудска атмосфера. Доаѓањето на Мет Дилон предизвика голем интерес кај виенската публика и критика. Заедно со режисерката Ширин Нешат, тие го претставија нивниот нов проект „Земја на соништата“, кој баш и не го оправда вниманието со кое годинешното Виенале го удостои.

Од специјалните програми, секако, треба да се истакне големата ретроспектива, насловена „Време фатено во зборовите и сликите“, посветена на еден, според критичарите, од најголемите британски автори на денешнината, Теренс Дејвис, познат како сценарист, режисер, писател и актер. Во оваа ретроспектива беа прикажани некои од неговите најдобри филмови, како: „Далечни гласови, тивок живот“ (кој во 2000 важеше за еден од најважните англиски филмови) и „Крај на долгиот ден“, и двата автобиографски, сместени во Ливерпул во 1940-тите и 1950-тите години, потоа „Дом во кој владее забава“ (меѓу 10 најдобри филмови во 2000), документарецот „Времето и градот“, па „Длабоко сино море“, „Тивка страст“, базиран на животот на Емили Дикинсон, сè до најновиот „Благослов“.

За Теренс Дејвис во фестивалскиот билтен пишуваше дека е, пред сè, поконзервативен автор. Додека другите англиски синеасти од неговата генерација, како Дерек Џарман, на пример, своето внимание го насочуваа кон екстремниот отпор спрема општеството, Дејвис се интересираше за жените и мажите кои живеат во конвенционалните граници на својата средина, фокусирајќи се на „малите разлики“ во социјалната, политичка или сексуална природа… На крајот, се надеваме дека јубилејниот 60. Фестивал во Виена ќе се одржи во поинаква атмосфера, со посакуваната слобода на движење и дружење на филмската заедница.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.