Наградата за романскиот филм „Dogpoopgirl“ беше чудна и за неговиот режисер, Андреj Хутулеак

ФИЛМ+МОСКВА ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

И покрај пандемијата, Меѓународниот московски филмски фестивал го прослави своето 43. издание во физичка форма. Во целокупната просечна конкуренција, жирито комплетно го игнорираше најдобриот филм

Наш специјален известувач:
Пол Каценбергер

Ако има филмски фестивал во светот, кој упорно одбива да подлегне на коронавирусот, тоа сигурно е Филмскиот фестивал во Москва. Се чини, овој настан по втор пат ја надмина пандемијата кога организаторите решија 43. издание да го одржат од 22 до 29 април во физичка форма, и покрај предизвиците за одржување проекции во киносалите и отворени прес-конференции во присуство на гостите. Во 2020 година фестивалот, исто така, беше организиран со проекции на вистински платна, иако Москва беше под строга блокада последната недела од април, кога вообичаено и се одржува фестивалот. Организаторите едноставно го преместија во првата недела од октомври, кога беа укинати повеќето ограничувања во Москва, со оглед на намалувањето на инфекцијата.

Прес-конференција на долгогодишниот претседател, познатиот режисер и актер, Никита Михалков

Враќањето оваа година на фестивалот во април резултираше со поголема гледаност. На 42. издание имаше 27.000 гледачи, додека годинава бројот се искачи на 32.000 гледачи, иако тоа е сè уште многу малку за фестивал од А-категорија. Само за споредба, кога лани Берлинскиот фестивал се одржа во физичка форма беа продадени 330.000 билети. Но, освен низ бројките, малиот интерес на публиката се почувствува и на филмските проекции, московската киносала „Октомри“ на филмовите од главна конкуренција зјаеше празна. До некој степен тоа сигурно беше поради пандемијата, но дури и во 2019, пред Короната да го освои светот, интересот на публиката беше мал.

Главната награда, „Златниот Ѓорѓи“, годинава ја доби романскиот режисер Андреј Хутулеак за неговото деби „Dogpoopgirl“, сатира, во која ја растегнува темата. Хутулеак решава да го премести првиот случај на ужасната онлајн бура, која се случила во Јужна Кореја во 2005 година, во Букурешт. Скромната банкарска службеничка (Андреа Грамостеану, која ја доби наградата за најдобра актерка) станува предмет на омраза низ целата земја откако ќе се прошири на интернет видеото во кое нејзиното куче ќе поврати во метрото, а таа нема да исчисти позади него. Инцидентот ќе го забележат медиумите, странците ќе почнат да ја напаѓаат несреќната жена, таа ќе биде отпуштена од работа, а настаните на крајот ќе дојдат до точка на целосен апсурд, кој ќе отиде екстремно далеку.

Италиjанскиот филм „Време на рамнодушност“, направен според романот на Алберто Моравиjа, беше наjзрелото остварување на фестивалот, кое jа доби само наградата на критиката, „Фипресци“


Гледајќи го филмот, човек се потсетува на „Bad Luck Banging or Loony Porn“, годинашен победнички филм на виртуелното Берлинале. Меѓутоа, иако сличен заплет е појдовна точка и во трагедијата на Хутулеак, сепак, Раду Жуде (кој е инаку негов сонародник) зборува за актуелните состојби во Романија и за денешната цивилизација, воопшто, додека филмот на Хутулеак не е ништо повеќе од површна анегдота.

Во конкуренција беше и филмот „Радосна мистерија“, во кој младиот филмаџија очигледно ги копира заплетот и драматургијата на филмовите со кои етаблираните режисери неодамна поставија некои нови импулси. Тоа е затоа што драмата на индискиот режисер, Дон Палатара, е снимена само од еден агол и целосно се одвива во кабината на еден автомобил. Со други зборови, „Радосна мистерија“ е многу сличен со наградуваните филмови, „Викторија“ (2015) на Себастијан Шипер, снимена во еден кадар и „Нема враќање“ (2013) на Стивен Најт, која исто се случува целосно во автомобил. Но, додека во овие два филма станува збор за длабоки човечки бездни, филмот на Палатара претставува само аргумент за низ приказната за младата двојка да се открие некој индиски културен бекграунд. Меѓутоа, тоа е толку банално што не се разликува од милионите приказни за проблематични двојки што ги среќаваме секојдневно низ целиот свет.

Српскиот актер Милош Биковиќ, на покана на Никита Михалков, беше дел од главното годинешно жири

Во тој поглед не нè изненади што „Радосна мистерија“ остана без награда, иако годинешните одлуки на жирито, предводено од филипинскиот режисер Брилјанте Мендоза, останаа несфатливи за присутните. Дури и Андреј Хутулеак во неговиот говор при примањето на наградата, со кокетна скромност, изјави дека не разбира зошто е награден. „Не беше единствен“, со иронија прокоментира рускиот дневен весник „Комерсант“. Но, многумина овој коментар го сфатија патриотски, бидејќи, како што признаа самите, тие за победник го сметале рускиот филм во конкуренција, „Последна драга Бугарија“ на Алексеј Федорченко.

Можеби е така, можеби не е. Во секој случај, беше потполно несфатливо што жирито комплетно го игнорираше италијанскиот филм, „Време на рамнодушност“, најзрелото остварување во главната конкуренција. Филмската адаптација на Леонардо Серањоли на романот на Алберто Моравија, кој е поместен од 1929 година па сè до денес, многу добро ја исцртува интересната морална слика на високата средна класа во денешното италијанско општество. За среќа, жирито на Меѓународното здружение на филмски критичари, „Фипресци“, ја препозна уметничката вредност на делото и му ја даде својата награда. Така, Серањоли не отиде дома со празни раце.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.