Маорскиот актер Клиф Кертис во филмот на Кусиjановиќ

ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+КАНСКИ ЛАУРЕАТ

Кон „Мурина“, режија: Антоанета Аламат Кусијановиќ, улоги: Леон Лучев, Грација Филиповиќ, Даница Ќурчиќ, Клиф Кертис, фотографија: Елен Лувар, дистрибуција: Match Factory

Пишува: Гена Теодосиевска

Филмот „Мурина“ е своевидно продолжение на краткиот филм „Во синилото“, за кој Кусијановиќ доби специјално признание на 67. Берлинале во програмата „Генерација+“ во 2017 година, во кое публиката ја запозна главната протагонистка и на „Мурина“, младата и талентирана Грација Филиповиќ. Антоанета Аламат Кусијановиќ е дипломиран филмски продуцент со мастер на режија на познатиот Колумбија универзитет во Њујорк. Таа е првата хрватска филмаџика која сценариото за својот дебитански филм го развиваше како стипендист на престижната Канска програма „Синефондејшн“, а куриозитет е дека поддршка доби и од RT Features, продуцентската куќа на Мартин Скорсезе. Сето тоа резултираше со „Златна камера“ на 74. Кан за нејзиното играно деби.

Но, иако деби, „Мурина“ е зрело режисерско остварување на Кусијановиќ, психолошка семејна драма чие дејство се одвива во текот на четири дена, а снимана е 40 дена на Хвар, Корнатите, Колочеп и во Загреб. Младата режисерка, која потекнува од Колочеп (Каламоте), прави успешен обид во проблематизирање на „хармоничната“ конзервативна семејна атмосфера и мрачната страна на страстите, на наметнатите и навидум прифатени фамилијарни ограничувања и, секако, тајните во секое семејство кои често можат да бидат фатални.

Таа прави исклучително добар избор на актери, а филмската сторија е зачинета со спектакуларни визуелни сензации од хрватското приморје, снимени со специјални подводни камери. Емотивно набиените камерни сцени проследени со пејзажи кои оставаат без здив и овозможи на снимателката Елен Лувар да ја искаже целата своја волшебна магичност со камерата. Прозрачната визуелна гама се менува во зависност од тоа дали Јулија е вистински среќна и задоволна или емоциите во неа вулкански клокотат додека врие од страст и желба за одмазда.

Филмот се фокусира на младата Јулија, која би рекле дека живее безгрижно на рајскиот остров додека постојано го придружува својот авторитарен татко Анте (Леон Лучев), со кого рибари, лови со харпун, плови, плива и ужива во навидум морската идила. Нејзината мајка (Даница Ќурчиќ) не само што е покорна кон својот традиционално воспитан сопруг, на кого во секој поглед му угодува, туку нејзината покорност се огледува и кон ќерката, за која таткото негува специјални чувства и крои свои планови, секогаш заштитнички настроен, дури повеќе од нормално. Вечната комплицирана релација татко–ќерка е интензивна, вибрира, се надградува и разградува. Еден збор е потребен за сè да биде во ред, но еден збор е потребен и за да дојде до крвопролевање.

Леон Лучев и Грација Филиповиќ како таткото и ќерката во „Мурина“

Сите духови ќе се разбудат кога на островот ќе пристигне јахтата на долгогодишниот пријател на Анте, американскиот милионер Хавиер (Клиф Кертис), со кого Анте подготвува зделка од која неговата фамилија и мештаните од островот би требало да се офајдат. Јулија, пак, сонува да оди на колеџ, а мајката сака да купи стан во Загреб. Но, Хавиер е повеќе заинтересиран за облините на Јулија, отколку за понудите на Анте. Тој често фрла поглед и кон мајката, на која трагите на женственоста сè уште се видливи. Присуството на богатиот странец за Јулија е бегство од едноличноста на островскиот живот. А ќе се покаже дека Хавиер станува еден вид катализатор за Јулија и за нејзините родители.

Се чини во трка за наклоноста на странецот се сите, секој од свои причини, а тука се и месните власти од островот кои сакаат да му продадат земјиште и со тие пари да ги решат своите проблеми. Главната акција и реакција во филмот се случува меѓу таткото и ќерката. Јулија сè гледа и разбира, но нејзините реплики се ретки. Лице како Сфинга, а очи на Горгона, така режисерката Кусијановиќ ни ја прикажува тинејџерката која има свои соништа, за кои горопадно ќе се бори. Овие четири лика се појавуваат речиси низ целиот филм, а нивните релации се одвиваат како грчка трагедија без дефиниран епилог. Улогата на хорот во филмот ја презема морето и неговата непредвидливост на овој остров далеку од цивилизацијата, како заборавена Атлантида.

Режисерката умно нè води низ конфликотот во рајската природа, проѕирните сини води, каде што се доминантни исконските стравови, страсти и неизвесност. Кулминацијата го достигнува својот врв кога Анте ќе ги покани Хавиер и неговите гости на вечера и кога од љубезен дочек и насмевки тензијата ќе премине во немир, па дури и насилие. Епилогот би рекла дека е нереален, но режисерски можеби доследен. Кусијановиќ со овој филм ги отвора вечните теми за силните жени, за слободата и одмаздата, таа вешто и целисходно го разголува шовинизмот, сексизмот, национализмот и патријархалниот дух.

Драматиката што ја носи водата, животот покрај неа, симболите на рибата мурина, онаа сребрена риба што ја гризе мрежата, дури и дел од себе до самоуништување, само за да се ослободи, како Јулија или онаа мурина која е предатор, која се лизга од раце, избегнува судири и разбранува јата мали риби, како таткото. Режисерски коректно воден, актерски одличен, продукциски извонредно спакуван, „Мурина“ е филм кој отвора теми и заслужува да биде виден.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.