Новата европска агенда сакаше низ култура и образование да понуди „визиjа за атрактивна Европска униjа“. Што нудиме ние низ нашите фингирани конкурси и „политики“?

КОМЕНТАР+ДАЛИ ПАРИТЕ СЕ ВИСТИНСКИОТ ОДРАЗ НА ВРЕДНОСТИТЕ? (6)

Кога, воопшто, последнава деценија и пол сме виделе извештај на Министерството за култура за процентот на реализација на финансираните проекти по Годишниот конкурс – со име и презиме – или јавно објавени имиња на поединци и организации што само делумно или целосно не ги исполниле своите обврски по конкурсот? Никогаш

Пишува: Златко Теодосиевски

Не знам колкумина кај нас го виделе филмот Земи ги парите и бегај (Take the money and run, 1969) од Вуди Ален, прв таканаречен „mockumentary“ филм, а којшто всушност – во поширок контекст – говори за истата работа: за пари и како тие да се земат. Можете да кажете и украдат, но тоа е повеќе тема на спомнатиот филм за кутриот, неспособен, некомпетентен Вирџил Старквел и неговата опсесија со ограбувањето банки.

И сега, колку пати, читајќи ги „резултатите“ од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата сте се запрашале – абе кои се овие луѓе, какви се овие „проекти“, како може една сериозна држава да расфрла пари за вакво нешто…? И повторно: не само во таканаречените „културни дејности“ (музичко-сценска, издавачка, библиотечна, ликовна и др.), туку (особено) во филмот?!

Е, токму затоа вториот столб на нашите културни/уметнички политики и практики низ годиниве, па и деценииве, го нареков „Земи ги парите и бегај“. Тоа е, де факто, главната поента на овој столб, односно на оној спомнат Годишен конкурс, како и на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност, па на локалните конкурси (на пример, оној на Град Скопје) итн. Распределбата на парите во првиот чин – во глобала – е однапред позната помеѓу коалициските партнери, потоа следува поименичната „разработка“ по проекти и износи, за на крајот да ја добиеме онаа листа на прифатени проекти каде не можете да препознаете ни 20 проценти од имињата или носителите на проектите. Некаде – онаму каде што коалициските партнери имаат сериозен интерес – износите се богами европски, некаде се само трошки колку листата да добие некаква шареноликост. И толку: учесниците ги грабнале парите и „избегале“, за нив нема повеќе да слушнете сѐ до наредниот конкурс, а можеби ни тогаш… Нема да слушнете, прочитате, видите информација ни за реализацијата на речиси 80 проценти од „проектите“ што добиле пари на Годишниот конкурс, ама тоа никого не го засега. Важно е парите да се поделат и учесниците да ги земат. Take the money and run!

Оттука, овој столб на актуелните наши „културни“ и „уметнички“ политики и практики низ годиниве ниту знае ниту, пак, сака да препознава вредност, квалитет, иновативност…, бидејќи тоа се поими што наложуваат сериозна работа со сериозни професионалци, стручни критериуми и компетентни поединци што би го спровеле целиот процес. Кај нас, особено последниве петнаесетина години, вредноста и квалитетот се впишаа во листата на крајно растегливи категории, каде партискиот критериум превладува во сите домени. Апропо, кога воопшто последнава деценија и половина сме виделе извештај на Министерството за култура за процентот на реализација на финансираните проекти по Годишниот конкурс – со име и презиме – или јавно објавени имиња на поединци и организации што само делумно или целосно не ги исполниле своите обврски по конкурсот? Никогаш. Зошто? Нема одговор од надлежните структури на тоа прашање, како никој во оваа држава да нема обврска да даде отчет за потрошените буџетски пари. И на што, и на каква (не)вредност, (не)квалитет биле потрошени?

И тука, се разбира, повторно се враќаме на филмот како најголемиот потрошувач во македонската култура, и прашањето: како е можно од државен буџет да се одлеваат толкави средства за „филмови“ што јавноста или некој никогаш не ги видел, не знае дури ни дали се завршени, ни дали некаде биле прикажани и слично? Дали една ваква неодговорна држава може да смета на одговорна култура која ќе биде доследна и посветена на квалитет, на вредност, на стратегиски определби… или ќе гледа секоја година да ги грабне достапните пари и – да бега? И кому, воопшто, му е нужна таква култура и дали тука почнуваат сите оние шарлатански „укажувања“ на поединци дека културата е само потрошувач, дека државата – баш оваа, македонскава – нема што многу да се плетка во културата (освен, се разбира, катагодишно да ги сервисира партиските клиенти)?

И, ние упорно се враќаме на вакви „тези“ во третата деценија на дваесет и првиот век, во годините кога Европската унија, следејќи ја 60-годишнината на Договорот во Рим (во 2018-тата година), објави Нова европска агенда за културата, каде „(…) граѓаните имаат нови можности за културен и социјален развој и економски раст; (…) Унија која го чува нашето културно наследство и ја промовира културната различност“. Новата европска агенда сакаше да одговори на поканата на европските лидери да се направи повеќе, низ културата и образованието да се изгради кохезивно општество и да се понуди „(…) визија за атрактивна Европска унија“.

Што нудиме ние низ нашите фингирани конкурси и „политики“?


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.