Режисерката Калтрина Красниќи покраj постерот за филмот „Вера сонува за морето“, во коj главна улога игра нашата Теута Ајдини

ФИЛМ+ВЕНЕЦИСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Алмодовар, Кемпион и Сорентино ја одбележаа 78. Мостра, сепак, „Златен лав“ доби младата француска режисерка Одри Диван за „Настан“. Копродукцијата на Косово, Албанија и Македонија, „Вера сонува за морето“, во програмата „Хоризонти“, беше примена со почит

Наш специјален известувач
Душко Димитровски

Седумдесет и осмиот филмски фестивал во Венеција, одржан од 1 до 11 септември, донесе неколку пријатни изненадувања, кога станува збор за квалитетот на филмовите, но и голем број гости, меѓу кои и светски ѕвезди. А тие ѕвезди, се чини, без страв од коронавирусот „парадираа“ на незаобиколниот црвен килим.
Од неколку стотици пријавени филмови за „Венеција’21“ селекторите одбраа 21 филм во трка за „Златен лав“, меѓу кои се најдоа навистина вредни дела на веќе афирмирани синеасти, како: „Паралелни мајки“ на Педро Алмодовар, кој важи за своевиден миленик на фестивалите, потоа „Божји раце“ на италијанскиот мајстор на визуелната имагинација, Паоло Сорентино, како и одличниот филм „Моќта на кучето“ на Џејн Кемпион, новозеландската добитничка на „Оскар“ за легендарниот „Пијано“.
Сепак, жирито кое го предводеше јужнокорејскиот режисер, Јон Бонг Хо, во кое беше и минатогодишната добитничка на „Златен лав“ и на „Оскар“, Клои Жао, одлучи „Златен лав“ да му додели на филмот „Настан“ на Одри Диван, кој имаше евидентни уметнички вредности, но, како што сме длабоко уверени, не беше и најдобриот филм на фестивалот.

Пенелопе Круз го доби пехарот „Волпи“ за улогата во „Паралелни маjки“

Во „Настан“ станува збор за една талентирана париска студентка Ана, која некаде во 1963 пред себе има надежна иднина, односно во предвечерието на големите студентски протести. Пред Ана е голем предизвик, бидејќи останува трудна, а во Франција, во тоа не толку далечно време, за абортус е предвидена затворска казна. Ваквата сценаристичка основа и дава можност на младата режисерка да изгради цел спектар на емоции и однесување на студентката, со огромна болка и срамота…
Би рекле дека, сепак, филмовите на Алмодовар, на Кемпион и на Сорентино творечки беа многу покомплексни и драматуршки подоследно обработени. Сорентино за „Божји раце“ ја доби Наградата на жирито, каде што зборува за своето детство, а сето тоа сместено во Неапол, при што донесе неверојатна визуелност, суптилна атмосфера и некои од најубавите панорами на градот. На овој филм со право му припадна и наградата „Марчело Мастројани“ за најдобар актер-дебитант, Филип Скоти, кој виртуозно го игра Фабието, Сорентиниевото алтер-его.

Џејн Кемпион ја доби Наградата за режија за нејзиниот интензивен филм „Моќта на кучето“, направен според романот на Томас Севиџ, а наградата за најдобра актерка ѝ припадна на Пенелопе Круз, за крајно психолошки изнијансираната улога на Јанис во „Паралелни мајки“ на Алмодовар. Тоа е и една од најтешките улоги што таа досега ја одиграла.

Одри Диван со своjот втор филм го освои „Златниот лав“

Еден од добитниците на Наградата за животно дело беше и британскиот режисер Ридли Скот, чиј нов историски спектакл, „Последен дуел“, во кој играат Бен Афлек и Мет Дејмон, ја имаше светската премиера во Венеција. За него директорот на фестивалот, Алберто Барбера, рече дека заслужува место на филмскиот Олимп на светската кинематографија, бидејќи внесе нова енергија и поинаков пристап кон жанровскиот филм, задоволувајќи ја и публиката и критиката, со што стана столб на современото уметничко творештво.

Босанската режисерка Јасмила Жбаниќ годинава беше претседателка на жирито во програмата „Хоризонти“, во која широкиот аудиториум одлично го прими косовскиот филм „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи, направен во копродукција со Албанија и Северна Македонија. Со задоволство можам да констатирам дека се работи за солидно режисерско остварување, во кое силна улога остварува актерката Теута Ајдини од Македонија. Таа ја игра насловната улога на Вера, средовечна жена, самохрана мајка која тешко се носи со сложената општествено-политичка ситуација во средината во која егзистира…


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.