ФИЛМ+КОМЕНТАР

Ние ќе фрлиме во ветер 350.000 евра за недоветна „кампања за среќа“ од вакцинирањето, ама на крај памет не ни паѓа што сѐ би можеле со тие пари да направиме во културата. Впрочем, со децении или не вложуваме во културата, или „вложуваме“ на погрешни места и на коруптивно-криминален начин

Златко Теодосиевски

Нашето тотално потценување на културата е резултат само на неукост и простотилак, што пак консеквентно води кон непознавање и игнорирање на нејзините потенцијали и денешните вредносни аспекти на културата, особено на држави од овој тип. Но, уште поболна вистина е дека, всушност, ние како држава ништо и не очекуваме од културата освен да ги задоволи партиските и клиентелистички апетити на поединци и групи. Таа е сигурен извор на солиден приход на партиските абоненти, обезбедува работни места со ниски, но сигурни плати на членството (плус стаж, пензиско и здравствено осигурување), па следствено е гарантирана партиска поддршка кога и да затреба, за сите планирани и непланирани (особено изборни) активности.

Затоа, ние и немаме културна политика – извинете, но ова што ние си го бладаме како „културна политика“ е шизофрена приказна за мали деца! – уште помалку, пак, имаме систем на вредности. Поточно: тоа малку што го имавме како некаков вредносен систем востановуван макотрпно со децении во времето на социјализмот, го разурнаа партократските варвари за да можат „легално“ да го пустошат државниот буџет за свои цели.

Кога и онаа Европска унија кон која стремевме – денес веќе минато свршено време! – би размислувала така, би загубила огромни пари. Културната индустрија во Европа во 2013 година имала обрт од 310 милијарди евра, што е 5,2 проценти од вкупниот обрт во т.н. сервисни услуги. Во 2016 година во земјите од Европската унија во културата работеле 4 милиони луѓе, од кои 2 милиони биле уметници, а аудиовизуелниот сектор (филм, видео, телевизија) во 2012 година вработувал 370.000 професионалци. Каква е тоа сила, каков потенцијал!

Ние поим немаме какви сѐ можности се кријат во македонската култура. Тоа никој не го истражува, најмалку оние што за тоа примаат државна плата и на кои токму тоа им е работа – Министерството за култура и Владата на Нашата земја. Ние знаеме на едно провинциско „Охридско лето“ за месец дена „програма“ да му инкасираме цели 20 милиони денари, што пак, е половина од вкупниот буџет за сите проекти во визуелните уметности, ама не знаеме што фактички уништуваме во ликовната уметност со нашето незнаење и немарност. Не знаеме со какви човечки и уметнички ресурси располагаме во културата зашто никој не го разбира тој потенцијал и неговите можности.

Ние ќе фрлиме во ветер 350.000 евра за недоветна кампања за „среќа“ од вакцинирањето, ама на крај памет не ни паѓа што сѐ би можеле со тие пари да направиме во културата. За оваа „кампања на среќата“ велат ќе ангажирале видни творци кои само ќе се појават на екранот или преку сила ќе кажат една реченица, ама ги премолчуваат нивните хонорари! Но, затоа хонорар за цела книга ќе биде 300-400 евра (ако и толку!), визуелните уметници наместо хонорар ќе добијат каталог и тапкање по грбот, за изработка на закон тарифата на Министерството за култура е 500 евра, ама затоа секоја шушумига што себеси се нарекува филмски режисер ќе земе хонорар од 7 проценти од вкупниот буџет на филмот!

Или, ако сакате, пратениците како народни избраници редовно инкасираат огромни пари за патни трошоци – 120.000 евра од септември 2020 до февруари 2021 година, а за периодот февруари/април оваа година уште 73.000 евра – но, замислете што тие пари би значеле за неколку локални библиотеки во државава или за квалитетна заштита на еден споменик на културата! Ние помпезно ќе го прогласуваме библиотечниот материјал во Националната библиотека за наследство во опасност, а не с(м)е ни свесни како тоа застрашувачки прозвучува во европскиот културен контекст.


Болна вистина е дека како држава ништо и не очекуваме
од културата, освен да ги задоволи партиските абоненти


Оттука, парите односно државните вложувања кај нас речиси никогаш не се одраз на квалитет/вредности, уште помалку на потребите на државата во одделна област. Ние со децении или не вложуваме во културата, или „вложуваме“ на погрешни места и на коруптивно-криминален начин. „СК 2014“ е очебиен пример за тоа. А неговото необјасниво опстојување заради неразбирливата тврдоглавост на државата, е уште поголем криминал.

Следствено, се чини дека како што се менува вкупниот амбиент во државата, така се менува и културното милје: криминалот и корупцијата станаа заштитен знак и на културата. Нема пологично објаснување за сите случувања (и) во последниве пет години! Гледате нови лица но стари „политики“, слушате (божем) демократски гласови, но вокабуларот е идентичен како и на претходните, распределбата на културниот буџет практично ја забетонира партократско-етничката поделеност 50:50 проценти, при што вредноста и квалитетот веќе никој не ги спомнува. Токму затоа и немаме нормален квалитетен културен производ последниве години, уште помалку имаме обмислена современа културна активност. Сѐ што се случува во државава во областа на културата мириса на мемла, на застојано, на корупција, на неукост… никој не чувствува одговорност за ништо, најмалку за расфрлањето на државните пари (не само) во културата.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.