ФИЛМ+ПРЕМИЕРА НА КИНЕНОВА
Пишува: Гена Теодосиевска
Малку филмови прават пресвртница во перцепцијата на бегалската криза, на раселените низ целиот свет, на бескуќниците, на осамените души кои талкаат од граница до граница по ветрови, бури, прашина, дождови и снег. Во секој од тие филмови доминираат потресни сцени на истоштеност, глад, жед, неизвесност, но во нив тлее и надежта дека ќе стигнат до Германија, до Шведска, Норвешка, Исланд, Америка. Сепак, постојат три филмски продукции, кои за среќа се направени од автори со исклучителен сенс и познавање на филмскиот занает. Би ги издвоила, креативниот документарецот „За Сама“ на храбрата Ваад Ал-Катеб од Сирија, играниот филм на омилениот на публиката Финец, Аки Каурисмаки, „Другата страна на надежта“ и вториот игран филм на режисерот, сценарист и продуцент од Србија, Стефан Арсениевиќ, „Страхиња Бановиќ“ или „Додека ме држат нозете“ (As far as I can walk).
Приказната во филмот е иснпирирана од вистински настан и лик, се одвива во Србија, на границата со Унгарија. Младиот брачен пар односно Самита, кој подоцна го презема името Страхиња (Ибрахим Кома), и неговата млада и амбициозна сопруга Абабуо (Ненси Менса-Офеи) стигнуваат од Гана во бегалскиот камп во Белград и откако веќе еднаш се вратени од Германија, решаваат својата иднина да ја градат во Србија како економски емигранти, не како бегалци, кои чекаат азил. Но, изгледа само Страхиња со својата голема љубов кон фудбалот успева да се вклопи во средината, додека неговата љубена Аба уште сонува за кариера на актерка во Англија.
Тие се грижат за новодојдените во кампот, но Аба доживува средба со познат сириски писател и книжевник, Али (го игра познатиот сириски актер Максим Калил, кој емигрира во Франција) што ги дели нејзините соништа и од тој момент на климакс во филмот, приказната почнува вртоглаво да паѓа на теме… Но, намерата на Арсениевиќ е токму тоа, да помислиме дека драмата завршила. И од тука, ако многумина се прашуваат што има српскиот средновековен еп со оваа современа филмска сторија, реално многу малку, но суштествено има многу, тргнува Страхиња по непознати ораници, ниви, ливади, шуми во кои не допира сонцето, да ја бара љубовта: „И тргна Страхиња бан да ја бара својата љуба…“ (се надевам дека и оние што не го читале овој народен еп, можеби филмот ќе ги мотивира да го прочитаат).
Арсениевиќ гради едноставна, но сугестивна моќна режисерска структура, збогатувајќи ја со мали кратки стории и силни ликови кои гравитираат околу двата главни. Тој не го зема епот како основа и предлошка, туку како насетување во универзалноста на љубовната сторија. На ликовите им дава стаменост на мали богови, можат сè иако тоа не се гледа на прв поглед, но „наоружани“ се со исконска сила, истрајност, упорност, со вистинската, искрена љубов во срцата.
Тоа што Арсениевиќ ги сместува повеќето од сцените во дождливи сиви денови не е случајно, солзите се присутни и кога некого неизмерно го сакаш и му го посакуваш најдоброто. Камерата на Јелена Станковиќ е импресивна, ја носи магличавоста на немирот и ги прави ликовите взаемно неделиви, а пејзажот како свежо изорани ниви и црни гаврани кои само се наѕираат од големите платна на Анселм Кифер (Anselm Kiefer). Тажно, меланхолично, апокалиптично, напуштено, како душите на бегалците. На места со документаристички концепт, камерата е еден од ликовите и во кампот и на фудбалскиот терен и по бегалските врвици и во преплетените тела на Страхиња и Аба.
Сценариото е питко и нема непотребни дијалози, стегнато, би рекле спастрено, тамам, без одвишни појаснувања. Монтажата е со намерни синкопи и доволно издржани кадри. Стефан Арсениевиќ ја расчленува љубовта на еротика, соништа, измама, омраза, љубомора, предавство, солзи и на крај, прочистување. Филм кој не ве остава рамнодушни, со ликови кои длабоко се нурнуваат во својата неизвесност и судбина, потенцирајќи ја љубовта како најголема придобивка и загубена муза на современиот човек, придобивка која за некого значи враќање кон себеси, за некого градење нови светови во себе и околу себе. Ова не е филм само за бегалската криза, ова е филм за потребата и величината на чистата љубов. Не случајно, овој филм триумфираше на годинешниот Филмски фестивал во Карлови Вари, освојувајќи вкупно пет награди, вклучувајќи го и „Кристалниот глобус“ за најдобар филм.
,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.