Кога лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо беше накратко задржан од тајната служба во Венецуела, некои видоа вмешаност на странска влада во ова дело, пишува „Њујорк тајмс“.
– Оваа агенција е управувана од искусни угнетувачи испратени од Куба и ваквите тактики се класични методи употребувани од кубанскиот режим – напиша американскиот сенатор од Флорида, Марко Рубио, на Твитер.
Се чини оти Куба демнее врз политичката криза во Венецуела, додека претседателот Николас Мадуро се соочува со голем предизвик од Гуаидо, кој се прогласи за вршител на функциијата.
Куба е долгогодишен сојузник на Венецуела и нејзин најголем поддржувач во регионот. Владата на претсеателот Мигел Дијаз-Канел му понуди на Мадуро „цврста поддршка“, нарекувајќи ги политичките превирања во Венецуела „обид за државен удар за поставување на марионетски режим што ќе им служи на САД“.
Многумина од противниците на Мадуро ја обвинуваат токму Куба за одржувањето на венецуелскиот лидер на власт. Тие го истакнуваат присуството на кубански оперативци во државата – шпиони, разузнавачи, политички советници, контраразузнавачки агенти и воени обучувачи, тврдејќи оти Мадуро на овој начин добил помош за задушување на незадоволството во армијата и во општеството.
Куба и Венецуела се зближија по изборот на Уго Чавез за претседател во 1998 година, а добрите односи беа поттикнати од пријателството помеѓу Чавез и кубанскиот лидер Фидел Кастро. Тие воспоставија економски и политички сојуз, при што Куба испраќаше безбедносни и воени експерти во Венецуела, како и доктори, медицински сестри, наставници и спортски тренери. Венецуела, пак, ја снабдуваше Куба со нафта (со околу 100 илјади барели дневно, според одредени проценки). Одредени експерти, сепак, сметаат дека поддршката на Куба не е од пресуден значај.
– Тврдењата според кои Куба ја контролира Венецуела се од почетоците на Чавез. Но, тие се пренагласени. Кубанците се клучни советници, но мислам дека тие не одлучуваат за наредните чекори на Венецуела – вели Дејвид Смајлд, универзитетски професор и експерт за Венецуела.
Други познавачи на состојбите, пак, тврдат дека учеството на Куба во безбедносните и разузнавачките служби во Венецуела останува мистерија. Противникот на Мадруро и поранешен генерален секретар на Организацијата на американски држави, Луис Алмагро, тврдеше дека има околу 15 илјади Кубанци во Венецуела, споредувајќи ги со „окупациска војска“, во сведочењето пред американскиот Сенат во 2017 година.
Познавачите на состојбата сметаат дека сојузништвото опстанало, и покрај слабеењето на врските и пријателството помеѓу Мадуро и Канел-Дијаз во однос на нивните претходници.
– Тие секако се браќа по идеологија – против САД. Но не постои истото пријателство како порано. И Кубанците добиваат помалку од претходно од ваквата врска – вели Тед Пиконе, американскиот експерт за надворешна политика.
Но, Кубанците и натаму заземаат клучни улоги во разузнавањето и војската во Венецуела, пружајќи поддршка во домашното надгледување, електронското прислушување и во интерната контрола на војската, со цел да го задушат отпорот и да обезбедат лојалност за Мадуро, тврдат експертите.
Државниот секретар на САД Мајк Помпео ја нагласи вклученоста на Куба во неговото обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации.
– Ниту еден режим не стори повеќе за одржување на кошмарните услови во Венецуела, од оној во Хавана – истакна Помпео.
Куба има мотивација за пружање на поддршка на администрацијата на Мадуро, бидејќи во него има значителен економски соработник и левичарски сојузник.
– Ако Хуан Гуаидо и опозицијата воспостават контрола во Каракас, тоа секако ќе бидат лоши вести за Хавана. Тие бргу ќе направат промена во односите со Куба – тврди Пиконе.