Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави дека Франција ќе им даде 120 милиони дози од вакцината против коронавирус на сиромашните земји, двојно повеќе отколку што беше претходно најавено, објави француската новинска агенција „Франс прес“.
– Неправедно е што вакцинацијата заостанува многу на другите континенти. Во Африка, едвај 3 проценти од населението е вакцинирано, мораме да дејствуваме побрзо – рече Макрон во видео обраќање.
И Соединетите Американски Држави во средата објавија планови за двојно зголемување на количината на вакцини што имаат намера да ја донираат за сиромашните земји, така што САД ќе донираат 1,1 милијарда дози, со што американскиот претседател Џо Бајден јасно дава до знаење дека сака да го предводи глобалниот одговор на пандемијата на коронавирус.
Европската Унија, со која САД имаат намера тесно да соработуваат, ќе дистрибуира повеќе од 500 милиони дози.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во видео порака до ОН објавена во вторникот рече дека „обезбедувањето фер и правична распределба на вакцините низ целиот свет е итен приоритет“.
Тој најави дека Кина има намера да достави вкупно две милијарди дози вакцина до светот до крајот на годината.