Франција неделава им соопштила на своите колеги од ЕУ дека засега е против почеток на преговори со Македонија и Албанија, информираат дипломатски извори за Ројтерс.
Како што се наведува, повеќе од половината членки на ЕУ, како и високи претставници од Брисел вршат притисок овие две балкански земји да бидат наградени за нивните реформи, со тоа што прифатија да започнат преговори за пристапување.
Според Париз, ЕУ се соочува со премногу предизвици за да прими уште две земји од Балканот, регион кој се уште е преплашен од војните од 1990-те и кој се бори со криминал и корупција.
Франција смета дека ЕУ прво треба да се реформира одвнатре за да посилно и единствено се соочи со предизвиците, како што се климатските промени и миграцијата.
-Тие сè уште не се таму. Бараме од нив да направат дополнителни напори. Преговорите не можат да се отворат во октомври 2019 година, ќе треба да ја преиспитаме ситуацијата некаде во 2020 година – изјавил француски официјален претставник.
Министрите на ЕУ ќе разговараат за ова прашање во вторник во Луксембург, пред националните лидери да се состанат во Брисел на самитот на 17 и 18 октомври. Овој потег повеќепати беше одложуван.
-Ова е многу фрустрирачко за повеќето земји-членки. Нашиот кредибилитет е доведен во прашање. Македонија и Албанија направија многу. Да, останува уште многу да направат, но започнувањето на разговори за членство е само првиот чекор, процесот ќе трае со години и тие ќе треба да ги исполнат сите критериуми пред да бидат примени – изјавил дипломат од земја која сака да ги отвори вратите за кандидатите од Западен Балкан, пренесува Ројтерс.