Пред почетокот на Г20 самитот во Јапонија, Американскиот претседател Доналд Трамп силно ја нападна Европа, велејќи дека европските држави се однесуваат кон САД полошо од Кина.
Контроверзниот претседател за Фокс њуз исто така упати критики и кон европската комисионерка за конкуренција Маргрете Вестагер, опишувајќи ја како политичарка која ги „мрази САД повеќе од која било друга личност која ја сретнал“, пренесува „Политико“.
Зборувајќи за телевизијата Фокс њуз, Трамп посочи дека „земјите во Европа заземаат позиција со која сакаат ги злоупотребат САД. Според него, тие имаат полоши трговски бариери и од Кина.
Се очекува преговорите на Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг да бидат во центарот на вниманието на престојниот Г20 самит во Осака, а нивната средба е закажана в недела. Американскиот претседател сигнализираше дека е порасположен за зближување со Пекинг отколку со Брисел.
Американскиот лидер го опиша претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер како „фантастичен џентлмен, одличен безнисмен и човек со екстремно цврсти ставови“. Но, не беше толку расположен за коплименти за клучната соработничка на Јункер, која отвори судски случаи против компаниите „Гугл“ и „Епл“.
– Има една жена во Европа, нема да и го споменам името, која всушност би можела да го замени Жан-Клод. Таа ги мрази САД повеќе од било која друга личност со која се имам запознаено. Видете што и прави на нашата земја. Ги тужи сите наши компании – рече Трамп мислејќи на Вестагер.
Во неговото телевизиско излагање, тој исто така излезе со констатацијата дека „невозможно е да се прави взаемен бизнис со Европа, поради фактот што тие се однесувале со САД полошо од Кина“.
– Не велам дека грешат, но не е фер кон нас – констатираше Трамп.
Претседателот се наврати и на еден став кој во минатото често го повторуваше, а тоа е дека европските членки на НАТО не издвојуваат доволно средства и пари за Алијансата.