Со извици „Никогаш северна, само Македонија“, и пеење на „Море сокол пие вода на Вардарот“ и „Едно име имаме“, започна мирниот протест пред Владата со кој се бара ослободување на осудените за упадот во Собранието на 27 април. На протестот се бараше и оставка на Владата.
Организаторите на протестот апелираа учесниците да се придржуваат до протоколите за време на пандемија и се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти базирани на етничка и верска основа.
На протестот се присутни водачи на политички партии, меѓу кои Христијан Мицкоски, Јанко Бачев, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, партиски функционери. „Слобода за македонските патриоти“, „Слобода за Горан Ангелов“, „Слобода за Игор Југ“ се само дел од транспарентите на протестот. Дел од нив ги носат македонското знаме и знамето од Вергина.
Протестот е организиран по повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, од неколку македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, Единствена Македонија, Интегра, и Подем исто така го поддржаа протестот.
Вкупно 211 години затворска казна добија 16 обвинети за „крвавиот четврток“, односно упадот во Собранието. Апелација во февруари годинава казните ги намали и сите осудени добија вкупно 188 години затвор. Сите беа осудени поради тепањето и крвавите инциденти кои се случија. Дел беа гонети дека како службени лица не постапиле и дозволиле да се случи тепањето, додека останатите, дека го спровеле тепањето на пратениците и другите присутни во Собранието.