Светската здравствена организација (СЗО) ги советуваше државите да не ги условуваат меѓународните патувања со докази за вакцинација или имунитет.
Ова беше истакнато на состанокот на Комитетот за вонредни состојби на СЗО составен од 19 независни експерти.
Експертите дадоа низа препораки што беа прифатени од генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Геберјесус, и испратени до членките на Обединетите нации.
– Во овој момент, не воведувајте обврска за докажување на вакцинација или имунитет за меѓународно патување, бидејќи сè уште има клучни непознати информации за ефективноста на вакцината во намалувањето на преносот, а вакцините не се целосно достапни за секого. Доказите за вакцинација не треба да ги ослободуваат меѓународните патници од други ограничувачки мерки за намалување на ризикот од зараза за време на патувањето – соопшти Комитетот на СЗО.
Тие истакнаа дека во моментов постои голема разлика помеѓу земјите во однос на вакцинациите, тестирањата, карантинот и забраните за патување, што доведува до тоа светот да биде малку збунет и парализиран.
Експертите сметаат дека е важно да се развијат научно засновани и јасни упатства за тоа како да се олесни патувањето на најдобар начин и да се овозможи движење на луѓето на безбеден начин преку воздух, море или копно.
– Научните докази не се целосни, нема доволно вакцини и затоа не треба да создаваме непотребни ограничувања за патувања сега. Затоа, да се обидеме да го заштитиме патничкиот простор и да осигураме дека економиите не се целосно изолирани – рече Мајк Рајан, главен експерт за СЗО.
СЗО ги повикаа државите да ги следат видовите на вирусот, како што се идентификувани од Велика Британија и Јужна Африка, за соодветно да се процени ефикасноста на вакцините, лековите и дијагностичките тестови, пишува „Ројтерс“.