Одборот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД испрати обврзувачки повик до државниот секретар Мајк Помпео за сослушување за наредбата на претседателот Доналд Трамп во Ирак да се убие високиот ирански генерал Касим Сулејмани.
Јавното сослушување на Помпео е закажано на 29 јануари, откако тој не се појави на првиот повик да сведочи пред Одборот на 14 јануари.
– Оценувам дека вашето сведочење е исклучително важно и подготвен сум да ги искористам сите легални средства за да го обезбедам вашето присуство – се наведува во писмото на претседавачот со Одборот, демократот Елиот Енгел испратено до Помпео.
Помпео е повикан да сведочи откако поголем број членови на Конгресот, вклучително и републиканците бараа повеќе информации за убиството на иранскиот генерал Сулејмани во Багдад. Си-ен-ен неодамна објави дека Мајк Помпео, бил „движечката сила“ за претседателот Доналд Трамп да нареди убиство на Сулејмани.
Тргање на генералот Сулејмани од бојното поле била цел на Помпео долго време. Во текот на целата кариера, Помпео верувал дека Иран е коренот на проблемите на Блискиот Исток.
Мајк Помпео беше директор на ЦИА од јануари 2017 до април 2018 година, кога дојде на позицијата државен секретар на САД.