Претставничкиот дом на американскиот Конгрес покрена истрага за отповикување на претседателот Доналд Трамп.
Истрагата се однесува на тоа тоа дали Трамп ги злоупотребил своите претседателски овластувања и побарал од украинскиот колега Володимир Зеленски да се компромитираат информациите за Хантер Бајден, син на Џо Бајден, еден од кандидатите на демократите за изборите во 2020 година. Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси од Демократската партија, ваквите дејствија ги опиша како предавство.
– Ги насочувам нашите шест комитети да ги продолжат нивните истраги под чадорот на истрагата за отповикување. Претседателот мора да биде одговорен. Никој не е над Законот – рече Пелоси.
Процесот на отповикување на претседателот може да се покрене во случај на велепредавство, корупција, криминал. Иако процеси на импичмент биле покренувани и претходно, ниту еден претседател на САД не бил сменет.
Трамп: Тоа е лов на вештерки
Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја критикуваше одлуката на демократите во Претставничкиот дом да покренат формална истрага за него, што може да доведе до негово отповикување, оценувајќи дека станува збор за „лов на вештерки“.
– Таков важен ден во Обединетите нации, толку многу работа и толку многу успех, а демократите намерно мораа да ги уништат и понижат сите со ударни вести. Ловат вештерки – напиша Трамп на Твитер и додаде дека тоа е лошо за Америка.
Тој наведе дека иницијаторите на петицијата не го виделе транскриптот на неговиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, што, како што најави, ќе го објави денеска.
Како што пренесуваат светските медиуми, свиркач од разузнавањето открил дека Трамп разговарал со украинскиот колега Володимир Зеленски кон средината на летото, барајќи од него да се компромитираат информациите за Хантер Бајден, син на Џо Бајден, еден од кандидатите на демократите за изборите во 2020 година.
Додека нема докази за наводна корупција од страна на Бајден или неговиот син, кој бил во бордот на украинската енергетска компанија „Буризма холдингс“, разговорот на Трамп може да биде злоупотреба на претседателската моќ, јави „Си-Ен-Ен“.
Процесот на отповикување на претседателот може да се покрене во случај на велепредавство, корупција, криминал. Иако процеси на импичмент биле покренувани и претходно, ниту еден претседател на САД не бил сменет.