Њузвик

Колумна на Стефанија Маурици

„Човек најмалку е свој кога зборува во свое лице. Дајте му маска и ќе ви ја каже вистината“. Се сетив на познатата реченица на Оскар Вајлд кога шетав по улиците на Венеција пролетта во 2013 година и влегов во една продавница каде што се продаваа познатите венециски маски. Реченицата на Вајлд многу пати беше цитирана во контекст на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, за да се стави до знаење дека криењето зад анонимниот идентитет на луѓето им помага да ја раскажат вистината во дигиталната ера. Токму ова е концептот на самото постоење на платформата „Викиликс“ која им овозможува на информаторите и на изворите анонимно да испратат тајни документи.

Кога влегов во продавницата, која е позната по тоа што ги изработи маските за познатата сцена од филмот „Очи широко затворени“ на Стенли Кјубрик, веднаш здогледав една прекрасна маска во форма на сонце. Ја купив и во мај 2013 година ја однесов во еквадорската амбасада во Лондон, каде што Џулијан Асанж веќе беше една година во притвор во амбасадата. Во малата зграда, која е прилично депресивна и мрачна, дури и за лондонски стандарди, беше сместен од 19 јуни 2012 година. Не се најде никој друг освен една Италијанка за да „донесе“ малку сонце во таа зграда. Во текот на шесте години и десетте месеци тој живееше во тие четири ѕида пред да биде уапсен, а токму венециската маска во форма на сонце беше единственото сонце кое Џулијан Асанж го гледаше.

Во изминатите десет години работев со него како медиумски партнер за мојот весник особено на документите од „Викиликс“. Во сите овие години со него се сретнав само еднаш, во септември 2010 година. По состанокот, сите средби со Асанж беа во притвор, прво во куќниот, а потоа во амбасадата.

Ние новинарите редовно сме сведоци на тешки страдања секогаш кога известуваме за некакви природни катастрофи, војни или се среќаваме со извори во опасни околности. Во текот на изминатите девет години ми беше жал да гледам како му се влошува здравјето на Џулијан Асанж додека беше затворен во тие четири ѕида без да му се дозволи еден час надвор на свеж воздух, кој им следува дури и на најбруталните мафијашки убијци од мојата држава. Исто така, тажно беше да се гледа како страда во притворот. Се сеќавам дека еднаш му зборував за едно италијанско селце на Средоземното Море, а тој само ги затвори очите и се обидуваше да се сети како е да се биде на отворено море.

Стефанија Маурици го познава Асанж речиси една деценија

Џулијан го познавам речиси една деценија и од почетокот следев како се одвива неговиот случај и истражував, повикувајќи се Законот за слобода на информации кој важи во четири јурисдикции: Шведска, Обединетото Кралство, САД и во Австралија.
Летото во 2015 година, кога Џулијан Асанж веќе беше три години во амбасадата, одлучив дека треба да ја добијам целосната документација за неговиот случај и да го реконструирам истиот со фактички информации. Токму тогаш, според законот, поднесов сеопфатно барање за случајот на Џулијан Асанж и „Викиликс“ во четирите јурисдикции. Наидов на такви пречки што бев принудена да ги тужам шведските и британските власти.

Документите кои успеав да ги добијам по долгата законска постапка, која воедно сè уште трае, даваат неоспорни докази за улогата на Обединетото Кралство во создавањето на правен и на дипломатски хаос според кој Џулијан Асанж арбитрарно беше притворен од 2010 година, како што утврди работната група на ОН за арбитрарен притвор.

Британското кралско обвинителство ги советуваше шведските обвинители против единствената судска стратегија со која брзо ќе се решеше шведската истрага за силување, со што Асанж ќе го испрашуваа во Лондон, наместо да биде екстрадиран во Стокхолм. Токму кралското обвинителство се обиде да ги разубеди шведските обвинители да не го отфрлат случајот во 2013 година. Зошто кралското обвинителство вака постапи? Зошто тогаш британското обвинителство се обрати до нивните шведски колеги со молба „да не го третираат случајот како обично барање за екстрадиција?“
Кога сакав да ги проверам фактите, открив сериозни пропусти во документацијата на кралското обвинителство и побарав од службата да даде објаснување. Одговорот што го добив јас, како и моите адвокати, беше неверојатен, односно гласеше дека ги уништиле мејловите, иако случајот сè уште е отворен, ризичен и контроверзен.

Кралското обвинителство кое ги уништило доказите е истата служба која е надлежна за барањето за екстрадиција од САД, како и од Шведска, ако шведското обвинителство повторно го отвори случајот пред да истече статутот за ограничување на обвиненијата за силување. Дали некој ќе бара отчет и одговорност од кралското обвинителство во третирањето на случајот на Асанж уште од самиот почеток?

Кога гледав како полицијата го апси Џулијан Асанж и го внесува во комбето и еден од полициските службеници едвај се воздржуваше да не се насмее, вниманието го насочив на два детали од сцената. Првиот беше страшно бледото лице на Асанж, кое беше испиено поради недостиг на сончева светлина, а другиот беше книгата со интервјуа „Историјата на службата за државната безбедност“ на Гор Видал што ја држеше во раката, која е една од книгите што му ги донесов во амбасадата за да си ги оттргне мислите. Книгата на Видал му ја донесов во декември 2016 година откако завршија американските претседателски избори, и знаев дека ќе му се допаднат брилијантните анализи на Гор Видал за американската служба за национална безбедност. Џулијан Асанж не само што ја разбира технологијата, туку ја разбира и моќта.

Основачот на „Викиликс“ сега е во затвор и никој не знае како ќе заврши неговата борба против екстрадицијата во САД. Неговата состојба е многу критична. Можеме да се надеваме дека по девет години ваков третман и немањето реакција од јавноста, медиумите и јавноста конечно ќе сфатат дека зад господинот Викиликс стои човечкото суштество Џулијан Асанж.

Стефанија Маурици е истражувачка новинарка за италијанскиот дневен весник „Ла република“ и авторка на две книги „Досие Викиликс: италијанските тајни“ и „Една бомба, десет приказни“.

Подготвила: Билјана Здравковска