Роберт Де Ниро тврди дека претрпел голем финансиски удар како резултат на пандемијата на ковид-19.
Холивудската легенда проговори за финансиите на суд откако неговата поранешна сопруга Грејс Хајтауер побара итен судски налог за зголемување на нејзиниот месечен кредитен лимит од 50.000 на 100.000 долари.
Тој се појави на суд преку Скајп, а неговите адвокати изјавија дека го преполовил лимитот на кредитните картички, откако синџирот ресторани Нобу и хотелот Гринвич – во кои има удели – се затворени или делумно затворени неколку месеци среде глобална здравствена криза.
Неговата адвокатка Керолин Краус му рече на судијата дека синџирот на ресторани изгубил 3 милиони долари во април и дополнителни 1,87 милиони долари следниот месец.
Таа додаде дека во предбрачниот договор на Де Ниро и Хајтауер од 2004 година јасно стои дека тој треба да плаќа 1 милион долари годишно ако заработува 15 милиони долари или повеќе, а неговите плаќања ќе се намалат пропорционално со неговите приходи.
Таа додаде дека 76-годишниот актер драматично го намалил трошењето, истовремено укажувајќи на одложениот филмски проект кој требаше да се снима ова лето пред пандемијата.
Судот во Менхетн донесе привремена пресуда, дозволувајќи му на Де Ниро да го задржи лимитот на кредитна картичка на неговата поранешна сопруга на 50.000 УСД.