Критики до власта за неисполнети ветувања од изборната програма и за влошувања на состојбата во економијата, упатија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната интерпелација за Владата на премиерот Зоран Заев.
Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека на опозицијата и е суспендирано правото за поднесување амандмани истакнувајќи дека единствена работа за една година на новата власт е донесениот Закон за јазици.
Според Ѓорчев, Владата не испорачува никави резултати во економијата каде сите индикатори се влошуваат.
– Ќе пуштате пат што е готов пред една година, а абер немате за правење нови. Не е отворена ниту една фабрика, стагнираат платите и пензиите, наведе Ѓорчев, критикувајќи ја власта и за состојбата во кавадаречки ФЕНИ и тетовски Југохром.
Реплицирајќи, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, рече дека ФЕНИ работи со полна пареа од 1 март, сите работници одат на работа и земаат плата. Јавноста, потенцираше Анѓушев, треба и да знае како настана ФЕНИ, од каде не се поднесувале завршни сметки две години во времето на претходната власт.
– ФЕНИ некој го однесе во стечај, ама има чесни луѓе во оваа држава што ФЕНИ го спасија од стечај, рече Анѓушев, посочувајќи им на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека „толку не разбираат економија што во критики упатени до него всушност го фалат“.
Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, пак, забележа дека новата Влада стартувала со 133 милиони евра само за камати од долгови кои ги создала претходната власт.
– Денеска имавте многу зборови, а ниту една бројка. Немате ниту една бројка заради тоа што не можете да и објасните на јавноста како очекувате една влада за не помалку од 10 месеци да го сработи тоа што го упропастивте за повеќе од 11 години, рече Шекеринска.
Многу граѓани, додаде, без разлика за кого гласале дури и тие кои гласале за нас имаат огромно незадоволство, кое доаѓа од тоа што ќе видат десетина луѓе потпишани на списокот за интерпелација, а се уште не ги добиле стоте години робија што ги заслужиле.
Во контрареплика Влатко Ѓорчев, праша дали за тоа што го зборува Шекеринска ќе одговараат функционери од ДУИ.
– Се и да било така, се да е така, како што кажавте ќе одговара ли еден функционер од ДУИ. Нема зошто ќе ви падне Владата и затоа што по секоја цена сакате да ја одржите Владата. Нема трул компромис кој нема да го направите, рече Ѓорчев.
Поддршка на работењето на Владата даде пратеникот од НСДП, Горан Мисовски, кој оцени дека не е издржан ниту еден навод од интерпелацијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека неможе да има издржана интерепелација на пратенците од ВМРО-ДПМНЕ без да се оградат од политиките на претходното раководство.
Како што наведе Мисовски, не се точни наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека Владата не ги реализира изборните ветувања затоа што биле донесени законите за радиодифузна такса, за стечајни работници, за минимална плата, укинато е екстерно тестирање… Ги отфрли и обвинувањата за отпуштени 600 лица и потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ и неговите градоначалници оставиле долгови од над 400 милиони евра кои сега мора да се враќаат.