Со слетување на авионот на „Ејџиан ерлајнс“ вечерва на Скопскиот аеродром по повеќе од 10 години е возобновена авиолинијата Атина-Скопје.

Меѓу првите патници што од Атина пристигнаа на скопскиот аеродром е македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи кој на атинскиот аеродром симболично беше испратен од алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос.

„Ејџијан ерлајнс” ќе ја опслужува редовната линија од Атина за Скопје два пати седмично, во вторник и в четврток.

По повод обновувањето на авиолинијата Скопје – Атина, ТАВ Македонија на скопскиот аердром организира официјален пречек. 


Османи: Авиолинијата на најдобар можен начин го означува затоплувањето на односите

Привилегија ми е да бидам првиот патник на возобновената линија меѓу Атина и Скопје која на најдобар можен начин го означува затоплувањето на односите на овие две соседни држави на ниво на стратешко партнерство. Ова ќе овозможи практична корист меѓу луѓето, меѓутоа и во подобрувњато на бизнисот и конекциите, што е главна цел на сите овие политики на затоплување на односите што ги правиме, истакна вечерва вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, по првиот лет на обновената линија Скопје-Атина.

Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески наведе дека воспоставувањето на линијата Скопје-Атина ќе биде од исклучително огромно значење и за бизнис секторот, се разбира и за македонските и за грчките граѓани.

– Воспоставување на авиолиниите е сериозен доказ колку Владата на Република Македонија е сериозно посветена на развојот на авиосообраќајот.  Би сакал да потенцирам дека ако ги споредуваме податоците во зголемувањето на приливот на патници ќе видиме дека имаме зголемување од 18 проценти од минатата година – истакна Сугарески.

Директорот за земски операции во „Ејџијан Ерлајнс“, Панос Николаидис изјави дека му е огромна чест што повторно е воспоставен летот Атина-Скопје од страна на компанијата.

– Верувам дека овој директен лет што го воспоставуваме ќе ја опслужува не само бизнис заедницата во Грција, тука и грчката заедница што живее во Скопје. Освен тоа верувам дека ќе предонесе за тоа да се продлабочат и прошират трговските можности, како и туризмот, а и културната размена помеѓу нашите две земји. Освен тоа верувам дека ова ќе доведе до проширување на соработката меѓу двете земји и дека ќе отвори нови можности, потенцираше Николаидис.