Собранието денеска треба да ја започне 115. седница на која треба да ја утврди потребата за носење на неколку закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.
На дневен ред на седницата се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.
Овие закони, како што предложи Владата која е предлагач, ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања односно тие се со европско знаменце.
-За изградба на автопатиштата Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, пратеници претходно побараа измени на осум закони, но бидејќи тие се блокирани од страна на опозицијата, решивме да предложиме измена на пет закони, но со европско знаменце, изјави првиот вицепремиер и координатор за следење на работите за проектот за автопатиштата, Артан Груби на прес-конференција во Владата пред неколку дена.
На ваквата најава реагираа од Канцеларијата на ЕУ во Скопје наведувајќи дека употребата на европското знаменце на предлог закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ.
Реагираа и опозициските партии кои најавија дека ќе има кривични пријави. Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека нема да поднесат многу амандмани бидејќи, според Деловникот, дебатата за законите во Комисијата за европски прашања треба да заврши за два дена. Левица, пак, преку соопштение најави дека подготвила над шест илјади амандмани.
Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски рече дека е многу јасно дека е прекршен Деловникот и процедурата.
-Нови законски решенија во скратена постапка со европско знаменце стигнуваат во Собрание за два дена се ставаат на пленарна седница без можност да ги разгледаме, а од друга страна имаме информација за состојбите во Судскиот совет поднесена минатата недела, која била на превод, рече Мицевски.
СДСМ очекуваат разбирање и потенцираат дека се работи за европски коридор.
-Ова е историска одлука да се изградат толку многу километри патишта во државата. Затоа преку едно елаборирање на темата зошто се прави ова ќе се разговара со претставиците на ЕУ во државата, вели пратеникот на СДСМ Миле Талески. Тој, како што кажа, е сигурен дека ќе дадат поддршка.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во понеделникот изјави дека имале политичка оправданост да се стави европско знаменце на законите поврзани со изградбата на коридорите. Во изјава за медиумите, Маричиќ посочи дека се во редовна комуникација со Европската Унија и им објасниле зошто го прават тоа.
– Оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите и впишани во европските трансевропски мрежи и за еден ваков проект реализиран од американска компанија. Сметаме дека тоа е нелегитимна блокада која ние на легитимен начин со инструмент кој ни е на располагање сакаме да ја заобиколиме и за тоа имаме основа и политичка оправданост, рече Маричиќ.
Тој додаде дека знаат оти овие закони не се усогласени со некое европско аки, но посочи дека Коридорот 8 треба да биде впишан во трансевропската мрежа на коридори на 16 мај.
Од Сојузот на синдикати на Македонија и гранскиот Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање вчера информираа дека испратиле писмо до евроамбасадорот Дејвид Гир во кое бараат да биде упатена јасна порака до Владата и пратениците да не се злоупотребува европското знаменце за закони со кои, како што велат, се силуваат работничките права.
– Поединци во Владата и неколку пратеници прават обид со злоупотреба на европското знаменце при носењето на законите, со европско знаменце да ја силуваат демократијата и да ги силуваат работничките и човековите права, а потоа изговор да им биде дека Европската унија тоа го барала од Владата која со ваквиот потег воведува работно време како пред 137 години со кое овозможува работниците нечовечки да бидат експлоатирани во траење од 72 часа во текот на една недела што е преседан и во светски размери и директен атак врз здравјето и безбедноста на работниците, се вели во писмото.