Фото: Игор Бансколиев / Архива

Речиси во сите случаи, покрај децата позитивни се и родителите, кои или сами или со децата патувале надвор од државата, или, како што вели директорот Зеќири, присуствувале на некоја поголема забава или свадба

Од 50 до 80 деца дневно се прегледуваат во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле – Скопје, меѓу кои и голем дел се со коронавирус.  Засега оваа здравствена установа е и единствена која прегледува и хоспитализира ковид-позитивни деца. Таму во моментот се хоспитализирани 24 деца со ковид-19.
Најголем дел од нив се помали од три години и во болницата се примени во придружба на родител.
Од изминатата недела болницата бележи зголемен број на хоспиталоизирани.

Д-р Бесник Зеќири, директор на детската болница Козле вели дека ако пред еден месец имале хоспитализирани до десетина деца, сега нивнот број е повеќе од двојно зголемен.

Речиси во сите случаи, покрај децата позитивни се и родителите, кои или сами или со децата патувале надвор од државата, или, како што вели директорот Зеќири, присуствувале на некоја поголема забава или свадба.

– Олеснително е што со овој бран сите хоспитализирани деца се со полесни симптоми, односно полесна клиничка слика. За ден-два им се намалува температурата, некои имаат и симптоми на диареа и повраќање. Немаме забележано дека кај децата се создаваат проблеми на крвата со Д-димерите. Во болница ги задржуваме од пет до седум дена, а потоа ги пуштаме на домашно лекување – посочува тој.

Фото: Приватна архива

Сепак, според него, за потенцирање е дека бројот на позитивни деца е во пораст.

– Имаме околу десетина хоспитализирани новороденчиња стари до три месеци, а кај две беше потребна и кислородна поддршка. Но, сега состојбата им е стабилна – додава д-р Зеќири.

Тој очекува овој бран да трае и следните две недели, а пикот да се случи дури после 15 август.

Минатата недела Комисијата за заразни болести ја разгледа епидемиолошката состојба во земјата и не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки. Оттаму апелираа до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, т.е. задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи.

– Од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се ковид-позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски -посочија оттаму.

Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски за „Нова Македонија“ ја коментираше актуелната состојба со порастот во дневната статистика на новозаразени од ковид-19 во земјава и посочи дека летниов бран на зголемен број на ковид-позитивни случаи се должи на новата подваријанта на омикрон, БА.5, која е присутна во околу 80 отсто од изолатите.

– Таа практично сосема ја заобиколува одбраната стекната од прележувањето на досегашните соеви, како и од вакцинацијата, па сосема очекувано е да се шири експлозивно – додаде тој.

Даниловски: Реалната бројка на нови ковид-случаи е многукратно повисока, важно е болниците да останат празни

Даниловски вели дека сега најважно е да не дојде до преоптоварување на болниците.

– Затоа, треба да се следи и бројот на хоспитализираните и процентот на зафатеност на болничките кревети со ковид пациенти. Зошто? За да може да се определи нивото на ковидот во заедницата. А од тоа ниво зависи и дизајнот на препорачаните мерки. Дополнително, добро би било да се ослободат од навала на пациенти матичните доктори, со тоа што би се формирале ковид-амбуланти во секоја општина. И пост-ковид центри, зашто сѐ повеќе ќе расте бројот на прележани со симптоми на долготраен ковид – заклучува епидемиологот.