Илустрација / Фото: Архива

Отворање на Пандорината кутија, непотребно трошење во услови на криза, иницијатива со бројни аномалии. Вака власта го оценува барањето за референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија, што претседателот на Собранието Талат Џафери го отфрли како неуставно. За опозицијата, пак, референдумот е излезот од „штетниот договор со Софија“. Остануваат на ставот дека нема да поддржат уставни измени, а одлуката на Џафери ја сметаат за самоволие.

Иницијативата за распишување референдум, според министерот за правда Никола Тупанчески, има прилично правни аномалии и недостатоци што ја прават недоволно добра од правен аспект за постигнување на една замислена цел. Министерот смета дека пред иницијативата да биде поднесена, требало да се земат предвид одредбите од Уставот, законот за референдум и собранискиот Деловник.

– Во Член 118 од Уставот експлицитно е уредена материјата во однос на меѓународните односи и во тој контекст на меѓународните договори. Тие, како што стои во овој член, претставуваат составен дел од внатрешниот правен поредок на државата и не можат да бидат менувани со закон – рече вчера Тупанчевски.

Тупанчевски: Иницијативата за референдум има правни аномалии, меѓународните договори не можат да се менуваат со закон

Според него, меѓународното право мора да се почитува, во спротивно, тоа би довело до отворање на Пандорината кутија.

Во овој момент не е потребен референдум, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Тој е дециден дека сега е потребно да се фокусираме на градење на консензус за продолжување на европските интеграции, но и градење на консензус за уставните измени.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, уставните измени се во интерес на државата, а референдум за Договорот со Бугарија не може и не треба да има зашто неговото поништување е ризикување на евроатлантска држава.

Османи: Референдум за Договорот со Бугарија не може да има

Во однос на иницијативата за референдум, тој вели дека опозицијата свесно или несвесно направила една голема услуга на процесот на уставните измени, затоа што ја раздвоила дебатата помеѓу Договорот со Бугарија и измените на Уставот.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, уставните измени ни го отвораат патот кон проблемите, а не решенија во процесот на евроинтеграција.

-Тогаш на една маса ќе преговараме за европски стандарди, транспорт, здравство, образование, владеење на право, а на друга маса за Самоил, Климент, Наум, преродбениците, илинденците. Без разлика што на едната маса ќе ги постигнеме критериумите, ако на другата маса не прифатиме дека во Втората светска Војна Бугарите не биле окупатори, туку администратори, бадијала што на првата маса сме се договориле – смета Мицкоски.

Референдумот нема да влијае на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните промени, уверува Мицкоски

Излезот од ваквата ситуација, порачува Мицкоски, е заедно сите на референдум да се изјаснат и да се седне повторно на маса и да се преговара за нов договор во кој нема да има вакви замки. Тој додаде дека иницијативата за референдум за Договорот со Бугарија е единствениот начин на кој опозицијата може да дејствува.

Според Мицкоски, претседателот на Собранието Талат Џафери противправно си дал улога на уставен судија кој го толкува Уставот, при донесувањето на одлуката за отфрлање на иницијативата за референдум.

За опозицијата, сепак, прашањето за референдумот не е затворено. Левица најави дека деновиве ќе поднесе нова референдумска иницијатива, при што дефинитивно прашањето ќе биде со одговорот „Против“.

Левица најави нова иницијатива за референдум

-Сметаме дека претходното прашање беше грешка, затоа што кампања „Против“ ќе биде во духот на протестите против францускиот предлог, каде огромното мнозинство македонски народ кажа НЕ. Нема никаква правна логика за одбивање и на претходната, и на оваа референдуска иницијатива од страна на спикерот Џафери, затоа што тој не смее како спикер да влегува во материјално толкување – рече вчера Борислав Крмов, пратеник од Левица.

Инаку, во средата претседателот на Собранието Талат Џафери ја одби иницијативата за распишување референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека е неуставана, односно оти член 118 од Уставот предвидува оти Меѓународни договори не можат да бидат менувани со закон. Џафери вчера во гостувањето на ТВ24 истакна дека целосно го испочитувал Уставот како највисок правен орган. Тој нагласи дека надлежост на претседателот на Собранието е да ја испитува уредноста на иницијативите.

Зошто да дадам оставка, кои се тие што велат дека сум ја прекршил процедурата, реагираше Џафери

– Претседателот на Собранието ја испитува уредноста на иницијативата и сите мислат дека го толкувам Уставот. Како уставна категорија, два прописа се значителни и решителни за работата на Собранието, Уставот и Деловникот. Должен сум да ја имам суштината в предвид. Нека покренат кривична пријава, стопати претходно покренаа кривични против моите одлуки. Сите одлуки се во моја полза – рече Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ на 9 септември ја достави иницијативата до Собранието за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Предложи референдумското прашање да биде: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“.