Ексклузивно за порталот на „Нова Македонија“

Викендов, читател на „Нова Македонија“, Мурат Туминовски од Дебар, престојувајќи на планината Јабланица, сними ретка сцена на положување јајца на т.н. ридска желка (Testudo hermanni), недалеку од туристичката населба „Елен Камен“, во близина на Охридското Езеро. Воодушевен од грижата на желката за потомството, Туминовски веднаш ни го препрати видео-клипот за со читателите на порталот да го сподели својот восхит од регистрираниот несекојдневен настан. Како љубител на природата тој со занес ни зборуваше за убавините на природата, посебно на планината Јабланица, која се издигнува над Охридското Езеро од западната страна.


Како куриозитет од краткиот разговор, ни издвои дека токму по падините на споменатата планина, помеѓу населбата Елен камен и хотелот „Макпетрол“, ја познава и патеката по која скоро секоја година „бестрашна мечка се спушта до езерото и влегува во него“, не обрнувајќи внимание и доколку има луѓе наоколу. Сепак, тој тврди дека таа е мирољубива и досега никого не нападнала. Ритуалот на „мечкиното бањање“ трае до 15 тина минути, по што таа по истата патека се враќа во планината.

Неколку информации за ридската желка

По парењето и оплодувањето, женската желка почнува да бара соодветно место за да ги положи јајцата. Периодот кога јајцето е во желката е многу краток. Желката најпрво почнува да ја чувствува и да ја гребе земјата со предните нозе со врвот на вилиците. Женката оди наоколу и ја тестира почвата барајќи најповолно место за да ги снесе јајцата со најдобра влажност, температура на почвата и сончева светлина. Кога ќе најде заштитено место изложено на сонце во помеката земја, желката почнува да копа дупка со задните нозе. Снесува 3-15, обично 6-8 бели овални или тркалезни јајца. Целиот процес на снесување јајца, од почетокот на копањето, несењето и закопувањето трае околу 3 часа. Јајцата од желка остануваат во земјата долго време.

Во идеални услови, инкубацијата трае помеѓу 8 и 11 недели (60 до 90 дена), а младенчињата излегуваат од јајцата во септември. Колку е пониска температурата на воздухот, толку подолго трае инкубацијата. Идеалната температура за инкубација е од 30 до 31,5 степени  Целзиусови, а во овие услови обично се изведуваат млади од различен пол. Некои студии покажале дека пониските температури на инкубација резултираат со поголем број мажјаци, додека женките излегуваат на температури повисоки од 31,5 степени Целзиусови. По завршувањето на нивниот ембрионски развој во јајцата, младенчињата почнуваат да се појавуваат. Обично, овој процес трае од 8 до 24 часа. Понекогаш сите младенчиња не излегуваат во исто време, некои излегуваат еден ден подоцна. Избивањето од лушпата од јајцето и напуштањето на гнездото не е лесна задача, мора да го пробиете слојот земја што ги покрива. Во нивните први моменти надвор од јајцето, нивната лушпа е целосно збрчкана од завитканата положба во јајцето. Кога ќе се изведат, тие се со големина од 30-40 милиметри и тежина од 6-8 грама. Тие почнуваат да се движат во истиот момент и за неколку часа, или денови, нивниот оклоп се израмнува и станува посилен секој ден. Тие растат бавно, па ќе ја достигнат големината на нивните родители само за 5-7 години.