Со драматични настани на политичката сцена проследени со жестоки препукувања меѓу власта и опозицијата, динамична и преполна со предизвици, минатата 2022 беше уште една година во која политичарите не можеа комотно да владеат, туку секојдневно мораа да докажуваат дека ја имаат поддршката и легитимитетот.
Ова е оценката на политичките аналитичари Ана Чупеска, Сефер Тахири и Бојан Кордалов за изминатава 2022 година.
На прашањето на МИА дали во 2023 година можеме да очекуваме предвремени парламентарни избори со оглед на тоа дека опозициските партии веќе одреден период бараат предвремени избори, дури со тоа и ги условуваат и уставните измени, тие истакнуваат дека ова прашање ќе зависи од пратениците и со ова тие го доведуваат во прашање интегративниот процес и европската иднина на земјата. Посочуваат дека е крајно време политичките лидери да почнат да веруваат во своите граѓани и да не ги потценуваат дека има потреба да ги инструираат за кого да гласаат.
Тие очекуваат 2023-та да биде година на жестоки дебати и конфронтации, а многу политички случувања ќе зависат од изгласањето или неизгласањето на уставните измени. Се надеваат на зголемена одговорност кај сите политички фактори, интезивирање на борбата со корупцијата, со дезинформациите, со реформи во правосудството. Од опозицијата очекуваат да се вклучи со конструктивно, а не со блокирачко присуство во процесот на евроинтеграциите. Од аспект на крупните политички одлуки, сметаат дека ќе бидат најдени решенија како и досега, првенствено со поддршка од нашите партнери и сојузници од НАТО и ЕУ.
2022-та година: Драматични настани на политичката сцена со жестоки препукувања меѓу власта и опозицијата
Комуникологот Бојан Кордалов во изјава за МИА вели дека во 2022 година имавме бурни и интензивни настани, но и случувања кои беа со фокус на политичарите, наместо на граѓаните кои од своите раководства очекуваат мерки и активности за подобар живот.
– Големите политички партии се однесуваат како политичката арена ексклузивно да им припаѓа само ним или како да ги „имаат во џеб“ граѓаните и нивната поддршка. И дефинитивно се ситни времето кога се уште имаат шанса да се променат и тоа да го покажат на дело пред граѓаните. Во спротивно, ако продолжат со досегашното однесување, ќе се изненадат од резултатите и излезноста на секои наредни избори, вели Кордалов.
Според него, дополнително, демократија значи дека секој политичар/ка мора да биде подготвен на соработка, компромиси и дијалог.
– Јас сум поборник на тезата дека на политичарите треба да им е „тешко“ владеењето, бидејќи искуството покажува дека кога на политичарите им е потешко да владеат и треба да прават компромиси, демократијата се унапредува и луѓето се чувствуваат послободни. Во спротивно, кога политичарите имаат апсолутно или големо мнозинство сме се изнагледале многу неубави слики овие три децении – додава Кордалов.
Тој посочува дека 2022-та беше уште една година во која политичарите не можеа комотно да владеат, туку секојдневно мораа да докажуваат дека ја имаат поддршката и легитимитетот.
– Но, и уште една година во која централната и локалната власт се поделени, односно предводени од различни коалиции, па граѓаните уште појасно можат да се одлучат за кого би го дале својот глас, според тоа која партија сметаат дека подобро ја практицира власта. Посакувам ваквата граѓанска политичка зрелост уште долго да трае, бидејќи кога на политичарите им е „тешко“, на граѓаните им е многу полесно и обратно – вели Кордалов.
Универзитетската професорка Ана Чупеска ја оценува 2022 година како особено динамична и преполна со предизвици.
– Со оглед на пролонгирањето на глобалната кризна состојба – постпандемиска, па згора на тоа и Путиновата агресија врз Украина и консеквентните последици кои произлегоа од неа, годинава која е во заминување ја оценувам како особено динамична и преполна со предизвици. Но, овој социо-полтички интензивиран динамизам отвори и можност за нас да се вклучиме во меѓународната политика поактивно – пред се преку НАТО платформата и врзано за помошта што ја пружаме на украинскиот народ. Ова пак, беше признаено во извештајот за напредокот на Република Северна Македонија од Европската Комисија, што впрочем и ни го покачи влогот на преговарачката маса – изјави Чупеска за МИА.
Оттука, според неа, гледано од аспект на актуелните глобални околности, се чини дека земјава бележи успех – Берлинскиот процес се реактивираше, Отворен Балкан донесе исто многу множности за граѓаните, а интегративниот пат на земјава е ставен на брза лента.
– Тоа сепак е позитивен развој, кој секако не смее да се зема „здраво за готово”, туку напротив, треба да не мотивира сите кон уште поквалитетен развој, вели Чупеска.
Според универзитетскиот професор Сефер Тахири, во текот на 2022 година се случија драматични настани на политичката сцена, проследени со жестоки препукувања меѓу власта и опозицијата.
– Би ги издвоил постигнувањето на Договорот со Бугарија и протестите на опозицијата против овој Договор и дебатата која се отвори околу правата на Бугарите и барањето за уставни измени. Важен настан беше и обидот на опозицијата за промена на власта, преку создавање на ново мнозинство, кој пропадна поради откажувањето на поддршката од страна на пратеникот Кастриот Реџепи – рече Тахири.
Условувањето на уставните измени со предвремените избори ја доведуваат во прашање европската иднина на земјата
Според Чупеска, условувањето на усвојувањето на уставните измени со одржување предвремени парламентарни избори го доведува во прашање интегративниот процес и европската иднина на земјата.
– Не станува збор за уценување со уставните измени – туку за една многу поголема уцена. Тие го доведуваат во прашање интегративниот процес и европската иднина на земјата. Уцената е – или избори или ЕУ. Тоа мора јасно да се каже! Затоа и илјадници пати опозицијата беше опомената дека треба да земе конструктивно присуство во процесот на евроинтеграцијата. Сите високи претставници на држави членки ја молеа нашата опозиција да биде конструктивна. И вистина, тие се во право, затоа што македонското општество мора сега и веднаш да покаже капацитет дека може да обезбеди национален консензус за клучните стратешки прашања – како што е европската интеграција – оценува професорката на скопскиот Правен факултет.
Според неа, не смееме да си играме со овие работи и во тој правец, последната изјава на лидерот на Беса, Билал Касами, кој поддршката на неговата партија за уставните измени ги услови со одржување предвремени парламентарни избори на пролет, ја смета за „дијаболична и загрижувачки кратковида“.
– Никој не вели дека немаат право да бараат предвремени избори. Но, немаат право однапред да ја ставаат во залог европската иднина на земјата. Со овие работи нема играчки, посебно не во вакви глобални околности – вели Чупеска.
Дали ќе има предвремени избори, Кордалов потенцира дека ќе одлучат 61 пратеник, но како што посочува, ако немаме план што ќе правиме и како ќе ги решаваме напластените проблеми, изборите не би смениле ништо.
– Препорачувам фокус на комуникацијата кон предлози за подобар живот на граѓаните. Би рекол дури и еден натпревар на тоа кој ќе предложи подобри мерки кои тоа ќе го овозможат. На крајот, дури треба и да ги усвојат тие мерки за да видиме во пракса како ќе функционираат. Владејачкото мнозинство да го применат на национално ниво, опозициските партии на локално ниво, каде во огромно мнозинство имаат свои градоначалници и совети – вели Кордалов.
Крајно време е, посочува тој, политичките лидери да почнат да веруваат во своите граѓани и да не ги потценуваат дека има потреба да ги инструираат за кого да гласаат.
– Секоја личност многу добро знае да цени, да награди или казни според покажаните резултати и предлози. Да сублимирам, сосема е во ред и позитивно тоа што има интензивен, на моменти тежок политички дијалог, различни мислења и концепти. Меѓутоа, не може за навек само да се дебатира и одложува носењето на одлуки. Потсетувам дека ние како граѓани бираме политичари и секојдневно скапо ги плаќаме со цел да носат исправни одлуки во демократска процедура, како и да работат со цел секој човек да живее подобро, подостоинствено и многу поквалитетно, вели тој.
Професорот Тахири смета дека постојат две сценарија околу тоа по која траекторија ќе се движи политичката состојба во земјата.
– Прво, доколку во јануари се постигнат уставните измени, со кои се предвидува бугарската заедница да биде внесена во преамбулата на Уставот на Северна Македонија, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ќе изврши притисок за предвремени парламентарни избори. По оваа „сериозна“ политичка одлука, партијата на Христијан Мицкоски ќе бара оваа пресуда да биде ставена на тест на избори! Досега, сигурни се 74 пратеници кои ќе ги поддржат уставните измени, што значи дека се потребни уште шест, а моментално тешко дека ќе бидат обезбедени – вели Тахири.
Второто сценарио, според него, е ако да продолжи досегашното темпо на опозиција, со што власта ќе го продолжи својот мандат до 2024 година, кога може да се одржуваат заедно парламентарните и претседателските избори. Со тоа, како што вели тој, би се намалиле финансиските трошоци за избори, особено што земјата како последица на светската економска и енергетска криза бележи голем пораст на инфлацијата, а со тоа е видно загрозена благосостојбата на граѓаните.
– ВМРО-ДПМНЕ, не може да ја избегне својата етнонационалистичка реторика. Наместо да се занимаваат со прашања кои се од витално значење и општи што ги засегаат сите граѓани, Мицкоски и неговите истомисленици не се откажуваат од идејата за укинување на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија. Наместо да го поддржи чекорењето на земјата кон Европската унија, Мицкоски продолжува со познатиот дискурс на неговата партија, која често се декларира како „чувар“ на етничките македонски интереси. Неговото опозициско дејствување, не дека тоа воопшто не го прави кога се во прашање конкретните интереси на граѓаните, е декларативно или преку прес-конференции – рече тој.
Настаните во Украина и енергетско-економската криза ќе влијаат врз политичките случувања во земјава
Тројцата говорници се на ставот дека настаните во Украина и последиците од енергетската и од економската криза, во голема мера имаат влијание врз случувањата во земјава на политички план.
Кордалов вели дека овие настани во голема мера имаа влијание, меѓутоа, како што посочува, она што загрижува е дека како општество не извлекуваме поуки од ниту една криза. За жал, според Кордалов, ниту корона кризата, ниту војната во Украина, ниту енергетската или економската криза не ги мотивираа политичарите да комуницираат зрело, искрено и посветено со оние кои ги избираат, односно со граѓаните.
– Наместо да се седне заеднички и како едно сплотено семејство да се работи деноноќно со цел излез од напластените проблеми, политичарите и институциите кои тие ги предводат се грижат најмногу за своите лични, теснопартиски или рејтинг интереси. Мора да се разбере дека стотици илјади луѓе живеат во сиромаштија, без основни услови за живот. Тоа не се бројки, туку личности кои се еднакво вредни и кон кои мора да се подаде рака од институциите за да се извлечат од системската сиромаштија во која ги втурнале општеството и политичарите преку својата негрижа – рече тој.
Кордалов посочува дека триесет години на ловење на дневно политички поени на грбот на луѓето и коруптивни дејства, наместо преземањето на мерки за достоинствен живот, си го зема данокот во сите овие кризи кои ги живееме изминативе години.
– Токму од овие причини, играњето со чувствата на луѓето, повеќе не носи гласови, ниту рејтинг. Затоа ја нема онаа возбуда кај мнозинството луѓе кога доаѓа време за избори, туку местото го презема апатијата, недовербата и бегството на граѓаните од дневно политичките информации и случувања… Овој отпор е логичен след на негрижата кон граѓаните од страна на политичарите и институциите, меѓутоа не е добар за општеството и нема да донесе бенефит за никого на среден и долг рок – вели комуникологот.
Според него, единствениот излез лежи во комуникацијата, соработката и ставањето на прашањата и проблемите на граѓаните на масата на политичките партии.
– Дополнително, департизацијата и ослободувањето на институциите од ситната и големата корупција, ќе овозможи вистинските, квалитетните луѓе да бидат на заслужените места, наместо како досега често да гледаме луѓе без искуство, само со партиски капацитет и слично – додава Кордалов.
И професорката Чупеска е на ставот дека случувањата во Украина имаат огромно влијание врз случувањата во земјава на политички план.
– Сепак, би ги оздвоила како најзагрижувачки, а директни последици: недостигот на енергенсите, инфлацијата, радикализации на некои од политичките субјекти во земјава и состојбата со менталното здравје на граѓаните. Но, без намера да релативизирам, сакам да нагласам дека такви се трендовите и во другите земји на европско тло, што впрочем не упатува на заедничка акција во справување со овие сериозни предизвици – рече Чупеска.
Исто така, и професорот Тахири смета дека случувањата во Украина и последиците од енергетската и економската криза имаат влијание врз рејтингот на власта, која, како што вели, ги фактурира последиците од војната во Украина и енергетската криза, но од друга страна мерките кои ги усвои сепак и обезбедија одржување на стабилен рејтинг.
Земјата мета на дезинформациите и хибридните напади
Тахири смета дека земјата, како и другите држави, е мета на дезинформациите и хибридните напади.
– Секако дека имаат влијание, поради фактот што преку нив се напаѓа власта, особено во порталите, кои не се регулирани, вели Тахири во однос на влијанието на ширењето лажни вести и дезинформации, како и на хибридните напади, врз настаните на домашната политичка сцена.
Кордалов потенцира дека е очигледно оти со овие негативни појави се соочуваме веќе на дневна основа, меѓутоа штетата од овие појави директно се рефлектира врз недовербата во институциите, кои ние како граѓани ги плаќаме.
– А, ако немаме доверба во она што ние самите го плаќаме, а истовремено имаме и чувство дека не можеме ништо да промениме, дефинитивно нема да има никаков напредок, па дури директно би кажал дека не може да има никаква светла иднина за целокупното општество и земја. Политичарите за жал паднаа и на овој испит. Едноставно, избраа овие три сериозни појави, кои носат сериозни последици по секој човек, да ги „партизираат“ и вметнат во калапот на лошата политичка комуникација, вели тој.
Оттука, според него, секојдневно ги слушаме овие зборови како дел од прес-конференциите, изјавите, брифинзите и реакциите на партиите.
– Ги слушаме само како основа за обвинување дека другите, односно политичките противници не чинат, без да ни презентираат што секоја партија предлага да направи на тој план или, пак, како да се здружат силите за ги промениме нештата. Граѓаните бараат да видам заедничка и посветена работа, а не покажување со прст едни кон други! Покажувањето со прст нема да ги подобри работите и ќе доведе до понатамошна и подлабока поларизација и поделби во општеството, рече тој.
Според Кордалов, една од најголемите закана за демократијата доаѓа токму од растечката поларизација.
– Дополнително, поларизацијата создава тивко, но брзорастечко мнозинство на незаитересирани луѓе за политичките и општествените случувања, како и масовна желба за самоиселување или егзодус на младите луѓе. Онаму каде има поларизација, задолжително отсуствува и дијалогот, разумната и инклузивна комуникација, а тоа е дефинитивен пат за неуспех на секое поле – вели тој.
Професорката Чупеска додава дека за жал големо е и влијанието на полувистините.
– Добата на „пост-виситината” кај нас доби своја посебна манифестација. Ако се сеќавате, тоа беше случај со радикализацијата на протестите против т.н. „француски предлог“. Или, радикализацијата беше поттикната од дезинформативни содржини кои ги дисеминираше дури и самата опозиција, како и други парламентарни партии. Ова пак доведе од тоа лицата кои протестираа удирајќи со бекатон доживотно да инвалидизираат припадник на полицијата – потсетива таа.
Чупеска нагласува дела дополнително, опсегот на хибридните закани се прошири од лажни вести, кон лажни најави за бомби кои не стивнуваат, се со цел да се дестабилизира земјата и да се трошат нашите материјални и човечки ресурси.
– Интересно е тоа што целиот регион во моментов се соочува со лажни дојави за бомби, а паралелно случувањата поврзани со релациите меѓу Србија и Косово, патем обидите за преврат во Црна Гора и секако ситуациајата во Република Српска индицираат дека некој има интерес да предизвика балканско воено жариште. Ова мора ургентно да биде неутрализирано – вели таа.
Претстои година на дебати и конфронтации, интезивирање на борбата со корупцијата и дезинформациите, реформи во правосудството
Чупеска, Тахири и Кордалов очекуваат 2023-та да биде година на жестоки дебати и конфронтации, а многу политички случувања ќе зависат од изгласувањето или неизгласувањето на уставните измени. Се надеваат на зголемена одговорност кај сите политички фактори, интезивирање на борбата против корупцијата и дезинформациите, како и реформи во правосудството.
Од аспект на крупните политички одлуки, Кордалов смета дека во 2023 година ќе бидат најдени решенија како и досега, првенствено со поддршка од нашите партнери и сојузници од НАТО и ЕУ. Меѓутоа, според него, крајно време е од кризите да излегуваме посилни, посплотени и со преземена одговорност од страна на политичарите, наместо како секогаш досега, прстот и вината да ги бараме во граѓаните, странците или политичките противници.
– После повеќе од 30 години независност се надевам и мислам дека сите конечно сфативме дека иднината за тоа каде ќе се движиме како земја лежи во наши раце, ама со тоа и одговорноста ако нешто преземеме или одбиеме да го прифатиме. За ваква политичка зрелост првиот импулс мора да дојде од политичарите, односно тие мора да престанат да бидат во првите редови само кога им се дава аплауз, а секогаш да е некој друг виновен кога ситуацијата е обратна – вели тој.
Како што истакнува Кордалов, дополнително во 2023 година уште поголема улога ќе игра коалицискиот капацитет кој секоја политичка партија го има.
– Токму од ваквиот коалициски капацитет и способност за правилна комуникација со граѓаните ќе зависи каде ќе се движиме како држава, дали кон членство во ЕУ, кон предвремени избори или кон нешто сосема трето. На крајот, токму од коалицискиот капацитет на партиите ќе зависи и кој ќе формира Влада на изборите кога тие и да се одржат – вели тој.
Кордалов истакнува дека можеме да очекуваме две сценарија, првото – ако политичарите продолжат со ваквото однесување како до сега, уште поголема разочараност кај граѓаните, растечко незадоволство поради влошените економски услови за живот и работа, општествени конфликти и политизација кои неповратно ќе не носат на погрешен пат.
– Второто, ако политичарите се променат, се дефокусираат од рејтингот и единствената желба по секоја цена да останат или дојдат на власт, а фокусот го стават на луѓето и како секој ден да ги вклучат во комуникацијата и носењето на заеднички одлуки, тогаш ќе почне процесот на враќање на доверба и лекување. Тоа ќе биде долг процес, но ако не го почнеме веднаш, не сум сигурен дали во иднина ќе имаме шанси за такво нешто – вели тој.
На внатрешен план во 2023 година, професорката Чупеска очекува зголемена одговорност кај сите политички фактори. Од естаблишментот очекува да ја интезивира борбата со корупцијата и со дезинформациите и да спроведе реформи во правосудството, како дел од целата реформска агенда.
– Додека од опозицијата очекувам да се вклучи со конструктивно, а не со блокирачко присуство во процесот на евроинетграциите. Се на се посакувам конечно да се реализира национален консесус за евроитеграциите кои ќе може да даде значаен резулат. Сега е моментот за ова. Со оглед на интезивираната регионална динамика, особено меѓу Србија и Косово, да се надевмаме дека состојбата ќе стивне и ќе дојде до конечен компромис. Со тоа значајно би се неутрализирале центрите на моќ кои имаат интерес да го втурнат регионот во конфликт. Ако се инвалидизира таа тековна операција која сака нови жртви на Балканите, сите сме победници, рече таа.
Професорот Тахири смета дека 2023-та ќе биде година на жестоки дебати и конфронтации, а многу политички случувања ќе зависат од изгласањето или неисгласањето на уставните измени. Според неговите предвидувања, 2023-та нема да биде изборна година, но ќе биде година на тешка економска криза.