Земјотрес со интензитет од 5,1 степени според Рихтеровата скала вчера е регистриран во јужна Калифорнија, каде пристигна тропската бура Хилари.
Хилари во Мексико однесе и човечки жртви.
Американскиот Национален центар за урагани соопшти дека бурата поминала низ јужна Калифорнија со брзина на ветрот од 95 километри на час, предупредувајќи од можни врнежи од дожд од историски размери, кои можат да доведат до опасни по живот порои.
Епицентарот на земјотресот бил во областа северно од Лос Анџелес, а потресите ги почувствувале жителите во голем дел од јужната област на оваа американска сојузна држава, додека се подготвувале за да се заштитат од евентуални поплави предизвикани од тропската бура.
Нема информации за причинета материјална штета и евентуални жртви. Американскиот систем за предупредување извести дека по овој земјотрес нема опасност од цунами.
Тоа е прва тропска бура што го погоди округот на Лос Анџелес од 1939 година.
Тропската бура Хилари предизвика поплави источно и западно од Лос Анџелес, откако помина низ мексиканскиот полуостров Долна Калифорнија, каде загина еден човек.