Градоначалникот Сергеј Собјанин воведе „антитерористички мерки“ во главниот град Москва, поради ескалацијата на конфликтот меѓу руската војска и групата Вагнер.
Собјанин на својот канал Телеграм напиша дека веќе е воведена зголемена контрола на сообраќајот на улиците. Можни се и ограничувања на масовните настани, додаде тој.
– Како резултат на добиените информации, во Москва се спроведуваат антитерористички мерки за зајакнување на безбедноста – напиша Собјанин.
Тој побара разбирање од повеќе од 13 милиони жители на метрополата.
За зголемените безбедносни мерки на Телеграм напиша и гувернерот на Московската област Андреј Воробјов. Воробјов ги повика луѓето, доколку е можно, да се воздржат од патување со автомобил кон јужна Русија, каде што ситуацијата во моментов е особено тензична.
Шефот на приватната армија на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, синоќа го обвини руското воено раководство дека нападнало камп на неговите платенички трупи со артилерија, хеликоптери и ракети, при што убиле многу негови луѓе. Тој потоа се закани дека ќе го исчисти военото раководство на Русија, велејќи дека има 25.000 луѓе под своја команда.
Шефот на групата „Вагнер“,тврди дека неговите единици ја презеле контролата врз градот Ростов на Дон, додека претседателот на Русија се подготвува за вонредно обраќање до јавноста.
Војската шета низ Ростов, а патролираат оклопни возила.
Пригожин кажа дека силите на „Вагнер“ ќе продолжат да го блокираат градот и ќе се движат кон Москва, освен доколку началниците на одбраната Сергеј Шојгу и Валери Герасимов не дојдат да го пречекаат.