Фото: МИА/Архива / Илустрација

Не престануваат бранувањата во правосудството по писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер до повеќе институции во државава во кое изразила загриженост поради начинот на процесуирање и одлговлекувањето на високопрофилни судски предмети.

По првичните реакции на претставници на извршната власт дека одговор на забелешките пред се треба да дадат судиите и оние кои управуваат со нивната работа, правосудните институции деновиве ги зафтија турбуленции кои резултираа со разрешување на претседателката на Судскиот совет за кое некои прави експерти оценуваат дека е нелигитимно, како и јавни препукувања во обвинителската фела.

 

Судскиот совет во средата на јавна седница неочекувано ја разреши претседателката Весна Дамева. Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од амбасадорката Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место.

Нејзиниот наследник требаше да се избира вчера, но седницата на Судскиот совет на која се очекува да се гласа нов претседател е презакажана за 2 мај во 11 часот. Заменик-претседателот на Советот Селим Адеми, побара одлагање за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови.

Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“, вчера произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.

Адеми по седницата не даде изјава за новинарите, кои побараа појаснување на забелешките на невладините и експертите дека разрешувањето на Дамева е незаконско и против процедурите и деловникот, а не одговори ниту како за разрешувањето не се барало присуство на сите членови, а за изборот на нов претседател се бара.

За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, како и правни експерти.

 

Претседателот Пендаровски оцени дека случувања во Судскиот совет не му доликуваат на ова тело кое има многу одговорна улога, со оглед на надлежностите кои ги има во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите, грижата за угледот на судството како клучен фактор за довербата на граѓаните кон судството.

Со вакви постапки, како што се наведува во реакцијата на Пендаровски, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Загриженост за случувањата во Судскиот совет изрази и Министерстото за правда, кое побара од Советот да ги достави на увид Записникот од седницата на која беше разрешена Весна Дамева.

-И покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството. Се надеваме и посакуваме да се надмине целокупната ситуација, а Судскиот совет да биде орган кој ќе води грижа за угледот на судството – соопшти Министерството за правда.

 

За правни експерти разрешувањето на Данева е непочитување на процедурата, а писмото од Агелер погодило некои чинители од правосудниот сектор.

Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека Судскиот совет не можел да донесе одлука за нејзино разрешување, без да ја разреши од член на Советот. Оценува дека не била испочитувана процедурата, а одлуката била донесена со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, за неа гласале 7 члена, од кои еден бил и гласот на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување. Нивен впечаток е дека станува збор за внатрешни пресметки или надворешни влијанија во Судскиот совет. Од Коалицијата „Сите за правично судење“ велат дека писмото на Агелер е насочено кон повеќе чинители во правосудниот сектор, а некои очигледно и успеале да се пронајдат во тоа писмо. Според нив, се покажало дека критиките од САД имаат поголемо влијание од домашните.

Реагираше и Блупринт групата за реформи во правосудството, која изрази загриженост околу ескалирањето на состојбата во Судскиот совет.

– Ниту деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судскиот совет, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет. Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот, укажуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството. Тие апелираат членовите на Судскиот совет да го преиспитаат своето постапување и да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата.

Со реакција излезе и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која преку соопштение нагласи дека очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

ДКСК изразува загриженост за случувањата во Судскиот совет и ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

 

Во обвинителската фела, пак, реакции предизвика изјавата на на јавната обвинителка Ленче Ристоска дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание и треба да се реформира.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски во изјава за медиумите вчера ги отфрли обвинувањата и истакна дека изјавата на Ристоска е пратена до Етичкиот кодекс во Јавното обвинителство и по нивното произнесување, тие на посебна седница ќе донесат конкретна одлука. Потенцира дека ако имало тргување со влијанија, Ристоска требало да ги пријавува со име и презиме и со конкретни докази, а не сите членови на Советот да ги става во ист кош. Во спротивно, смета Јолевски, паушалното изнесување може само да му штети на угледот и на Обвинителството и на обвинителите кои се избираат од Советот.

Обвинителката Ленче Ристоска во вторникот изјави дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание и треба да се реформира. Според неа, ова тело од формирањето во 2008 до сега потфрлило во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.

– Се додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е извор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна изборот што Советот го прави креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал – рече Ристоска.

 

Писмото што ја рабранува јавноста и правосудната власт, американската амбасадорка Агелер го испратила на 11 април годинава до судските и извршните органи. Во него изразува загриженост поради одлуката на Апелациониот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.

– Секој ден сѐ повеќе сум загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите – посочува амбасадорката Агелер во писмото.

Од Министерството за правда потврдија дека на адреса на ресорниот министер Кренар Лога „стигнал допис во однос на работата на апелационите судови, кој што дополнително ќе се анализира“. Покрај до министерот за правда Лога, писмото било испратено и до шефот на дипломатијата Бујар Османи, до Врховниот суд, Апелациониот суд – Скопје и до неколку основни судови.

Апелацискиот суд – Скопје изминатиов период одлучи да укине неколку првостепени пресуди и да ги врати на повторно судење. Дел од нив се однесуваа на пресуди за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за случаите „Титаник 2“ и „Таргет-Тврдина“, како и за првостепените пресуди за „Трезор“ и за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април.