Невремето во Србија предизвика голема материјална штета / Фото: ЕПА

Три жртви и десетици повредени бележи Хрватска по вчерашното невреме. Нема кварт во Загреб кој не претпре штета, јавува ХРТ утрово, по олујата што вчера попладне што го зафати главниот град на Хрватска, но и останати делови од земјата.

Утрово, трамвајскиот сообраќај во делови од Загреб е во прекин, а граѓаните се предупредени да не шетаат по парковите. Билансот од вчерашното невреме е две жртви во Загреб и една недалеку од Нова Градишка.

Десетици се повредени, повеќето потешко.

Ураганскиот ветер вчера кршеше дрвја, носеше покриви на куќи, билборди…

Загреб се најде во потполен хаос. Граѓаните се во шок, повозрасните велат дека не помнат вакво невреме, кои им донело и материјални штета.

Покрај Хрватска, вчера и Словенија беше зафатена од силно невреме, во кое едно лице загина, а во целата земја е забележана голема материјална штета, јави агенцијата СТА.

Како што соопшти полицијата, едно лице загина на Блед поради паѓање на дрво, а друго е повредено. Две лица се повредени од удар на гром во камп кај Мозирје на северот на Словенија.

Град со големина на тениско топче падна во близина на Метлика, а илјадници луѓе останаа без струја, иако извештаите од Електростопанство покажуваат дека прекините на струјата главно биле привремени.

Пожарникарите интервенирале во блискиот камп Менина, каде дрво паднало врз два шатора и автомобил, но нема повредени.

Исто така, пожарникари од околу 300 противпожарни служби отстрануваа паднати дрвја, електрични и телекомуникациски столбови, покриваат отворени покриви, пумпаат вода од поплавените згради и патишта и учествуваат во евакуацијата на граѓаните од загрозените подрачја.

Во Љубљана ветерот го откорнал металниот покрив на стадионот на Плечник, а во Целје од фудбалскиот стадион.

Невреме пропратено со силен ветер и дожд со грмежи ја погодија вчера вечерта и Србија. Делови од Војводина и Белград останаа без струја, а невремето предизвика штети на повеќе места. Аеродромот „Никола Тесла“ беше привремено затворен, јави дописникот на МИА од Белград.

Поради големо невреме, на некои пруги во Србија дојде до проблем во снабдувањето со електрична енергија на контактната мрежа над пругите и имаше паднати дрвја на пругата, што предизвика потешкотии во функционирањето на железничкиот сообраќај на некои делници, соопштија од Железници на Србија.

Во Белград силен ветер собори дрвја, а без струја останаа одредени делови од градот – Баново брдо, Жарково и Звездара. Два крана паднаа во Нов Белград за време на невремето, но немаше човечки жртви.

Направени се штети во повеќе делови од градот, а граѓаните кои беа на отворено бегаа од улиците поради силниот ветер и дождот.

Итните служби има полни раце работа.

Невремето ги погоди и Лозница, Шабац, Шид, Сремска Митровица, Ириг, Смедерево, Бачка Паланка, Крагуевац, Краљево, Чачак.

Поради невремето, евакуирани се 15 лица ширум Србија.

Невремето ги опустоши северните делови на Босна во средата вечерта, при што загина најмалку едно лице, а неколку се повредени, соопштија полицијата и службите за цивилна заштита. Од струен удар во Брчко починала 54-годишна жена. Како што пишува „Дневни аваз“, таа била пронајдена во дворот од куќата во која престојувала. Полицијата за ова добила информација од итната помош, а се претпоставува дека оваа трагедија е поврзана со невремето.

Уште најмалку осум лица се повредени во подрачјето на Бјелина, а силниот ветер и дожд предизвикале штети и во областа Босански Шамац, Добој, Брчко и Босански Брод.

Пожарникарите мораа да интервенираат поради обилните врнежи од дожд и многубројните дрвја кои беа однесени на коловозите од силниот ветер.